Приоритет е приоритет – и на македонски и на албански
Александра М. Митевска
Додека во Њујорк се интензивираат преговорите за проблемот со името, а во Скопје се постила црвениот килим за генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, политичкиот врв во земјава со денови се занимава со Законот за употреба на јазиците, кој нема моментно некое посуштинско значење за интеграцискиот процес на земјава. Освен ако не се смета европското знаменце што му го прилепија неговите креатори – можеби со намера да ги релативизираат очекуваните негативни реакции на опозицијата и на дел од стручната јавност.
Но, лавината, сепак, тргна и, всушност, беше поттикната од самите владејачки партии, со низа неадекватни чекори во постапките и процедурите. СДСМ и ДУИ игнорираа близу сто амандмани поднесени од опозицијата, брзајќи да го донесат Законот додека ВМРО-ДПМНЕ е отсутна од собраниската сала, како и пред почетокот на имплементацијата на реформскиот пакет. Содржината на регулативата, пак, е друга приказна. Но, независно од тоа колку се издржани дел од решенијата во него, факт е дека тие би можеле да бидат корегирани и подобрени во кое било време, доколку се постигне некој поинаков политички договор во таа насока.
Од друга страна, опозицијата, преокупирана во овој период со внатрешниот расцеп и незаинтересирана за случувањата во парламентот, почна да реагира повторно дури откако Законот беше донесен, иако претходно не направи ниту еден порадикален обид да влијае на неговата содржина или да го спречи неговото донесување. Во ВМРО-ДПМНЕ се, веројатно, свесни дека регулативата што е донесена во време на СДСМ може да им биде добредојдена ако „утре“ се вратат на власт, за да не мора тие да затвораат прашања што наидуваат на негативен одек во јавноста.
Затоа, пак,претседателот Ѓорге Иванов ги дочека своите пет минути слава, oткако постапи онака како што од него бараа деновиве многу звучни имиња, кои своевремено го критикуваа што ниту еднаш, во изминатите години, не спречи донесување на многу поконтроверзни закони и одлуки што ги подготвуваше владата на ВМРО-ДПМНЕ. Впрочем, и најдобриот закон за јазици не може да биде компензација за политичката неспособност да се најде заеднички јазик за она што е најважно за државата во даден момент. Тоа не е секако помпезното обраќање до нацијата на Иванов, колку и да е легитимно неговото „вето“ и колку и да беше очекувано, ако се има предвид дека Законот за јазиците беше еден од аргументите поради кои тој не им го даваше на СДСМ и на ДУИ мандатот за составување влада.
Но, Иванов е сигурно свесен дека не може да го спречи стапувањето на Законот во сила доколку мнозинството го донесе повторно. Дури тогаш, на сцена би можел да стапи Уставниот суд. На тамошната „гласачка машинерија“ од времето на старата гарда на власт, веројатно, нема да ѝ биде тешко да го поништи Законот што го донесе новата гарнитура, независно од тоа дали е тој навистина (не) уставен. Освен ако не планираат да се приклонат кон новата влада, во евентуалното поништување на Законот нема да може да ги спречи ни едниот од неговите пишувачи кој е сега уставен судија, на предлог токму на Иванов.
Во политичките кругови во Македонија, во овој период, се потроши многу енергија за воскреснување на теми кои предизвикуваа големи бранувања во едни минати времиња – кога се правеа пионерски чекори во обнова на соживотот, по донесувањето на Рамковниот договор. Така, и термините национализам, бинационалност, етноцентризам… се вратија во политичката реторика, наспроти зборовите демократија, слобода, граѓански права… За тоа имаат свој придонес сите оние кои сега се обидуваат да собираат политички поени, афирмирајќи ја или оспорувајќи ја регулативата за јазиците.
Впрочем, Македонија, во едни подалечни времиња, преживеа и други вакви, па и подраматични епизоди на имплементација на Охридскиот договор, како, на пример, кога се носеа законите за локална самоуправа или за употреба на знамињата. Но, тоа е а минато за кое сега може да се каже дека не го поремети системот на државата, ниту, пак, го попречи нејзиниот европатлантски пат. Напротив.
Во тие времиња, тие закони беа приоритетни за државата, сега приоритетите се променија, а Законот за јазици не е меѓу нив. Всушност, кога е во прашање терминот „приоритет“ нема разлика дали тој се изговара на македонски или на албански јазик. Важно е дали постои свест за неговото значење и совест да се направи разлика околу тоа што е навистина најбитно за државата. Во тој контекст, партиските или личните интереси не секогаш се совпаѓаат со ургентните интереси на државата. Тоа се покажа и со целата сторија околу Законот за употреба на јазиците.