Принцот Хари го одликува македонскиот дипломец Трендевски со интернационален „Меч на честа“

На традиционалната церемонијална парада на дипломци на Кралската воена академија „Сендхрст“, Милош Трендевски, потпоручник во македонската армија, е прогласен за најдобар од сите меѓународни студенти.

Трендевски доби признание од принцот Хари кој му врачи „Интернационален меч“ за највисоките резултати при школувањето на „Сендхрст“.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска која присуствуваше на церемонијата истакна дека Македонија може да се пофали и гордо да каже дека „нашиот питомец Милош Трендовски, не само што дипломира на оваа престижна воена академија туку е прогласен за најдобар студент од сите меѓународни студенти во класата“, соопшти Министерството за одбрана.

„Денеска беше чест да се биде граѓанин на Република Македонија на оваа церемонија, и да се види дека од сите офицери и други земји кои учествуваа на оваа престижна Академија, токму припадникот на АРМ, граѓанин на Македонија, беше избран за најдобар студент. Тоа покажува дека кога сме подготвени да се вложиме ваквите големи резултати се возможни. Голема е честа за Министерството за одбрана и за Македонија да го добиеме ваквото признание за наш припадник, меѓутоа ова покажува дека мора да продолжиме да вложуваме во нашиот офицерски кадар и Армијата, и целосно да ја искористите големата поддршка што ни ја дава Велика Британија и на тема образование и обука во одбраната“, рече Шекеринска.

Таа истакна дека Македонија и нејзината Армија се добри онолку колку што се добри нејзините војници, подофицери и офицери. Затоа ќе продолжиме да инвестираме во знаењата, во обуките, во можностите за дообразование во и надвор од Македонија. И на овој начин, со овие успеси, докажуваме дека нашата Армија може да се носи со армиите на земјите-членки на НАТО, и оти местото на Македонија е во НАТО. Тоа е нашата стратешка цел, за чие остварување ни се потребни пријатели, поддржувачи. И, нив тука во Британија ги имаме на највисоко ниво, истакна Шекеринска.

Британскиот амбасадор во земјава, Чарлс Гарет рече дека е голема чест да се биде тука со потпоручникот Милош Трендевски, кој го доби интернационалниот „Меч на честа“, како најдобар интернационален кадет.

„Тоа е фантастична чест и фантастичен симбол за одбранбената дипломатија и за зајакнување на билатералните односи кои постојат меѓу Македонија и Британија“, рече британскиот амбасадор Гарет.

Трендевски од своја страна истакна дека му е чест и задоволство што ја претставува Армијата на Република Македонија и оти тоа е голем успех за државата.

„АРМ има високо квалитетен кадар, пред се офицерски, што покажува дека и на меѓународно ниво може да биде најдобар, покрај голем број на странски земји, рече Трендевски.

Трендевски пред да замине на дошколување во Сендхрст, дипломирал на воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје.

На церемонијалната парада која оваа година се одржува 185. пат, студентите редовно ги поздравува и претставник на британското кралско семејство. Првата церемонијална парада била одржана на 14 јули 1948 година, пред кралот Џорџ Шести. Парадата се одржува три пати годишно.