Приватните специјализанти до Заев: Плата има само за селектираните

Не прифаќаме друга опција освен плати за сите приватни специјализанти, пишаа приватните специјализанти во отворено писмо до премиерот Зоран Заев.

Тие нагласуваат дека минималните трошоци кои секој специјализант ги покрива  чинат помеѓу 8.000 евра и 13.600 евра. Специјализациите во просек траат 5 години за време на кои дипломиран доктор специјализант не прима никаков паричен надоместок за својата работа.

„Од информациите што ги добивме од министерот и Министерството за здравство, една третина од околу сто доктори на приватни специјализација неправедно се исклучени од земањето на плата. Долгоочекуваното решение за овој горлив проблем за специјализантите од страна на Министерството е исплата на плати само за селектиран број на приватни специјализанти. Се наметнува прашањето, кои се докторите кои ќе земат плата? За исти потпишани договори различно се вреднува трудот на докторите кои приватно специјализираат под исти услови на Клиниките и Институтите во Скопје. Цела генерација од речиси 100 доктори е изоставена од ова право на исплата на плата за вложениот труд на Клиниките. Форсирањето за исплата на парични средства само за одредена група доктори е дискриминаторско. Ваквото решение претставува девалвација на трудот и личноста на докторите кои решиле останат во татковината“, стои во писомото.

Специјализантите го замолуваат Заев да ја искористи својата позиција за да се овозможи правичност и еднаквост за сите доктори на приватна специјализација.