Претстои голем пад на популацијата во Источна Европа, во Србија и Бугарија пад за 15 отсто

Во земјите од Источна Европа во следните неколку децении ќе претстои голем пад на популацијата, наведува њујоршкиот електронски весник „Кварц“ во анализа за бројот на населението во светот во наредниот период.

Според експертот за популациска динамика на Центарот „Витгенштајн“, Томас Соботка, постојат три фактори што ќе влијаат на таквиот пад на населението во Источна Европа – намалување на репродуктивноста, масовната емиграција и релативно високата стапка на морталитет.

– Додека земјите од Западна и Јужна Европа привлекоа одреден број имигранти, што во голема мерка ќе ги надомести последиците на намалената репродуктивност, Источна Европа е во двоен проблем – има висока емиграција и ниска стапка на прираст, смета Соботка.

Според анализата на „Кварц“, изработена врз основа на прогнозите на ОН, десетте земји што ќе имаат најголема стапка на намалување на популацијата во следните децении се наоѓаат во Источна Европа. Станува збор за Бугарија, Летонија, Литванија, Молдавија, Полска, Романија, Србија, Украина, Унгарија и Хрватска, чие население, според предвидувањата, до 2050 година ќе се намали за дури над 15 проценти.

Најголемо намалување на бројот на жителите во светот се превидува во Бугарија, каде до 2050 година се очекува населението да биде помало за 23 проценти во однос на 2017 година и да изнесува 5,4 милиони.

Во Србија се очекува пад на наслението до 2050 година за 15 проценти од сегашните 8,79 милиони на 7,45 милиони, а во Хрвстка за 17 отсто од 4,19 милиони на 3,46 милиони.

– Многу од посткомунистичките држави од Источна и Средна Европа тонат кон голем демографски пад. Многу од нив доживеаја значително намалување на популацијата во последните 25 години, се оценува во текстот.

Во најмалку 11 од овие држави бројот на жителите од 1989, па до 2017 година е намален за над 10 проценти. Населението во Летонија во посочениот период е намалено за 27 проценти, а во Бугарија и Босна и Херцеговина за 21 отсто.

– Тоа претставува огроман пад на популацијата, без преседан во мирновременски период. Сепак, поголемиот број земји одбиваат да се посветат на изнаоѓање евентуално решение за успорување на претстојната демографска катастрофа, наведува „Кварц“ во анализата.

Како решение за проблемот со „демографската темпирана бомба“, њујоршкиот портал го посочува прифаќањето на поголем број мигранти, но признава дека тоа би било „политички проблематично“, имајќи го пред вид отпорот во повеќето источноевропски земји кон приемот на мигранти.

– Иако миграцијата би помогнала за ублажување на претстојниот демографкси пад, малку е веројатно дека таа би ја запрела таквата тенденција, смета „Кварц“, посочувајќи дека иако по мигрантскиот прилив во 2015 година дојде до пораст на германското население, сепак „прифаќањето на дури еден милиони мигранти нема да го запре демографскиот пад во Германија што е на повидок.