Претседателот на ЕК со охрабрувачки пораки: Јункер ќе ги спојува географијата и историјата

 

„Импресивно е, но продолжете“, беше охрабрувањето на претседателот Жан Клод Јункер за премиерот Зоран Заев, за време на вчерашната посета на Накедонија. Тој не штедеше комплименти за реформите, но не беше дециден кога Европската комисија ќе ја тргне условената препорака за Македонија, најавувајќи ја како реална можност за наредните месеци.

„Не дојдовме овде за да ви соопштиме датум за почеток на преговори туку да ви кажеме дека сте на добар пат и ако продолжите на тој пат кон реформите, за неколку месеци ќе и овозможите на Европската комисија да му препорача на Советот на ЕУ отворање на преговорите за влез во Унијата. Но, сè уште не сме до таму, затоа што претстојат уште чекори  што треба да се спроведат врз база на сопствените заслуги на секоја земја, а вашата земја има многу сопствени заслуги“, изјави Јункер.

Неговата најлеплива порака сепак беше дека Македонија е дел од географијата на Европа, но и на историјата и дека тука, како и кај новите земји членки на ЕУ, треба да дојде до помирување на едната со другата.

„Станува збор за помирување на историјата и на географијата. Тоа го направивме со новите земји членки, истото ќе го направиме и со вас“, порача самоуверено Јункер. Во тој контекс тој го спомена спорот за името, но само за да каже дека треба да го решиме ние самите, со нашите „пријатели“ во Грција. Дополни дека со грчкиот премиер Алексис Ципрас се видел пред доаѓањето во Македонија, при што му порачал да го решава спорот на постојниот начин.  Како и да е, не пропушти да ја забележи промената на Аеродромот „Скопје“ кој до вчера беше Аеродром „Александар Велики“.

Премиерот Заев на оваа тема дополни дека за Владата е прифатливо име со географска одредница кое ќе направи јасна дистинкција помеѓу нашата држава и регионот во Грција. Според него, се инсистира на решение „кое ќе овозможи трајно и одржливо затворање на спорот, но со почитување на достоинството и идентитетот на двата народи и двете држави“.

„Затворањето на долгогодишните отворени прашања не е едноставен потег, се работи за сензитивни прашања за нашите граѓани.  Заедно со премиерот Ципрас работиме посветено на затворање на овој долгогодишен и мачен проблем, чие решавање ќе го отвори патот за интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО. Секако Европа ја знае Македонија, дури и земјите членки  што се со некоја резерва, доколку се уште се со резерва, треба да знаат дека од Македонија ќе добијат а нема да загубат ништо“, изјави Заев.

Јункер, сепак, беше најимпресиониран од склучувањето на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија.

„Вашата земја постигна напредоци што и овозможуваат да се приближи до ЕУ уште повеќе. Спроведовте реформи за продлабочување на вредностите што го зачудија и светот. Со Бугарија успеавте да склучите договор  за пријателство  што ја зголеми репутацијата на вашата земја и доби позитивни реакции и надвор од границите на стариот континент. Сакам да ја истакнам храброста на вашиот премиер“, нагласи Јункер. Околу реформите Јункер оцени дека е постигнат огромен напредок последните години и дека ако продолжиме да работиме така европската перспектива на земјата нема веќе да биде условена, порачувајќи им дури и на земјите членки дека ЕУ не е само нивна сопственост.

„Ние сме повеќе од задоволни од ритамот на реформите вклучувајќи го и начинот на кој владата се обидува да се поврзе повторно со опозицијата во парламентот. Сакаме да бидеме сигурни дека процесот е поддржан од најголемата опозициска партија“, порача Јункер, па додаде:

„Вашата земја има многу сопствени заслуги. Заедно можеме да направиме многу, да направиме големи работи“, порача Јункер.Премиерот пак очекува јунска покана за почеток на преговорите.

Јункер на почетокот на прес конференцијата забележа дека од  2003-та не бил во Скопје и тоа го смета за прво злодело, додека второ злодело е тоа што си замина по само неколку саати поминати во земјата. Од Македонија тој продолжи за Тирана, како втора станица од балканската турнеја, заедно со еврокомесарот Јоханес Хан. (С.Ј.)