Претседателот Иванов ќе присуствува на утрешната лидерска средба

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов ја прифати поканата на премиерот Зоран Заев за лидерската средба што треба да се одржи утре.

– Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, имајќи ги предвид важноста на прашањето за името и државните интереси на Република Македонија, ја прифаќа поканата за информативна средба, иницирана од Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија, закажана за утре, 19 мај 2018 година, соопшти кабинетот на Иванов.

Оттаму велат дека до нив до денеска не се доставени целосни одговори на барањата упатени на 29 март 2018 година, вклучително и нацрт-текстот на билатералната спогодба за надминување на разликата околу името, доставен од Министерството за надворешни работи на Република Грција.

– Сметаме дека на тој начин се врши селективно информирање на македонскиот претседател. Иванов на утрешната средба очекува да биде информиран за суштината и за деталите од разговорите во процесот за надминување на разликата околу името, се додава во соопштението.