Претседателот Иванов не прифаќа ерга омнес за името


За претседателот Ѓорге Иванов не е прифатливо решение за името ерга омнес, соопштија денеска од кабинетот на претседателот на Република Македонија.

– Ставот на претседателот Иванов е принципиелен, а воедно и конзистентен со ставовите на сите досегашни претседатели на Република Македонија. Тој став е дека претседателот Иванов не прифаќа решение за прашањето за името за севкупна употреба или ерга омнес, се наведува во соопштението од Кабинетот на Иванов.

Со оваа порака претседателот  практично најавува дека нема да го потпише договорот што , според рамката договорена меѓу министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас, треба да биде усвоен со просто мнозинство во парламентот, а кој ќе биде ратификуван дури по референдумот бидејќи ќе има тежина на меѓународен договор. Ваквата најава  доаѓа од кабинетот пред да се види кое име е на масата меѓу Македонија и Грција и кое, теоретски, може да биде прифатливо за нас, па и да биде Република Македонија, што го прави неговиот потег избрзан  и на штета на преговорите за името.

Oд кабинетот на претседателот на Република Македонија информираат дека шефот на државата во текот на утрешниот ден ќе го прими министерот за надворешни работи Никола Димитров.