Пресуда за случајот „Триста“: Девет години затворска казна за Ѓоко Поповски

Кривичниот суд денеска ја изрече пресудата за случајот „Триста“ и обвинетиот Ѓоко Поповски го осуди на деветгодишна казна затвор.

Поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски беше обвинет за злоупотреба на службена должност во врска со јавната набавка на 300 возила во случајот „Триста“.

На минатото рочиште беа изнесени завршни зборови на обвинителите од Специјалното јавно обвинителство и на одбраната.

СЈО побара осудителна пресуда за Поповски за кривичното дело за кое е обвинет, за што е предвидена казна затвор од четири до 15 години.

Одбраната, пак, побара Поповски да биде ослободен од обвинението. Поповски пред Судот кажа дека не е виновен и оти постапката што се води против него сериозно влијаела на неговото здравје. Рече и дека во изминатиот период се соочил со многу закани, уцени и притисоци, но не прецизира од кого. Тој се пожали и дека му бил даден отказ од МВР во, како што наведе, сомнителна дисциплинска постапка.

Ѓоко Поповски беше обвинет дека со јавната набавка на 300 возила за МВР го оштетил буџетот за 453.570 евра. Според СЈО, Поповски незаконски доделил договори за купопродажба и одржување возила на Порше Македонија ДООЕЛ Скопје, Ка-Дис ДОО Скопје, Бохемија Автомобили Роус ДООЕЛ Скопје, Колевски ДОО Скопје и Авто Куќа ДОО Скопје избрани како економски најповолни понуди.