Преспа има убавини, треба да се промовираат пред туристите

Вмрежување меѓу угостителите, туристичките работници, туроператорите и домаќинствата што се занимаваат со рурален туризам за подобра комуникација, а со тоа и подобра туристичка понуда беше целта на првиот Туристички саем што се одржа во Преспа.

Настанот го организираа здружението против дискриминација „Женска солидарност“, здружението на овоштари Благој А. Котларовски и општина Ресен, а беше промовирана и традиционалната преспанска кујна.

„Преспа располага со многу можности, културни и природни убавини, но многу малку се искористени. Преку овој саем сакаме да придонесеме за развој на туризмот, не само да се жалиме дека нема туристи, туку да почнеме да ги промовираме убавините и да ги привлечеме гостите во Преспа“, истакна Весна Миркова од „Женска солидарност“.

Туристите, посочи, кои ќе дојдат на Преспанското Езеро ќе имаат можност преку флаери, што ќе бидат распоредени по угостителските објекти на крајбрежјето, да се информираат за сместувачките капацитети.

„Направивме флаери со кои туристите ќе бидат информирани каде да се обратат за сместување. Со ова сакаме да им олесниме веднаш да најдат инфрмации каде може да се сместат и со колкав капацитет располага сместувачкиот објект“, рече Миркова.

Во рамки на саемот беа доделени и награди на најдобрите шест фотографии од конкурост за фотографија со убавините од Преспа.