„Преспав“ се враќа на ТВ со нова сезона

Денеска, ТВ серијата „Преспав“ се враќа на малите екрани, премиерно со третата сезона на првиот канал на МРТВ од 20:15 часот.

Гледачите повторно ќе имаат можност да ги следат секојдневните авантури и комичните незгоди во кои запаѓаат нивните омилени ликови: Јелена, Талат, Ула, инспектор Томе, Коста, Тони, Миле , Наим и Марио.

Во новата сезона, се појавува новата сопственичка на пансионот – Преслава, која ја глуми актерката Јана Маринова од Бугарија. Таа со својот темперамент и енергија ќе внесе возбудливи промени, но и потенцијални конфликти со оние кои се водат по принципи различни од нејзините.

Снимањето на новата сезона на најпопуларниот македонскиот ситком „Преспав“ се реализираше во студиото на националниот сервис МРТВ. За помалку од еден месец, беа снимени дваесет епизоди. Третата сезона од овој успешен и одржлив проект се реализира во копродукција на ОХО и МРТВ.

„Како продуцент, би сакал да искажам голема благодарност до тимот на ОХО, соработниците од МРТВ и сите професионалци кои беа дел од екипата и овозможија да се случи третата сезона на Преспав“ – изјави Пеце Талески, продуцент на „Преспав“.

Идејата и концептот на „Преспав“ се на Елеонора Венинова и Пеце Талески, а режијата на Игор Иванов Изи, Вардан Тозија и Дина Дума. Сценаријата ги напишаа: Елеонора Венинова, Сашо Кокаланов, Александра Миланова, Бојан Трифуновски, како и сценаристите од Бугарија, Алек Попов и Делјана Манева.