Препорачано породилно отсуство и за таткото во земјава

Задолжително татковско отсуство позитивно влијае на развојот на децата, беше речено на денешната Панел дискусија за споделено родителско отсуство, за неговата важност како и за најдобрите искуства и светски практики.
Дали моделот на родителско отсуство во Република Северна Македонија треба да се промени, начини за унапредување на родовата еднаквост кои се најдобрите модели и практики од светот, беа дел од темите за кои дискутираа панелистите на денешниот настан организиран од Реактор – Истражување во акција со поддршка на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.
„Како истражувањата така и праксата покажуваат дека задолжително татковско отсуство позитивно влијае на развојот на децата, на распределбата на активностите за грижата за децата и домот, овозможува зголемена економска активност на жените, намалување на нееднаквоста во платите и пензиите меѓу жените и мажите, и со тоа значајно придонесува кон родовата еднаквост и севкупниот развој на општествата. Предностите на воведувањето на модел на родителско отсуство кој ја препознава важноста на улогата на таткото во грижата за децата се многубројни. Затоа, сметаме дека се потребни промени во Законот за работни односи кои ќе вклучат воведување на три посебни видови отсуство- мајчинско, татковско и родителско, препорачани од Меѓународната организација на трудот”, рече Марија Башевска, претседателка на Реактор – Истражување во акцијa.
Пред присутните се обратија Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика и директорот на Канцеларијата на УСАИД за општ развој, Едвард Гонзалез, како и Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Орхидеја Шурбановска, проф.д-р на Институт за психологија, Ангел Гина, татко кој има искористено родителско отсуство во Република Северна Македонија, а присуствуваа и претставнички и претставници на академијата, релевантни институции и претставнички и претставници на граѓанскиот сектор.
Оваа дискусија придонесува кон дебатата за потребата од усвојување на нов модел кој ќе ги унапреди правата на родителите во земјата, ќе влијае позитивно на развојот на децата и на родовата еднаквост во земјата, а воедно и ќе доведе до усогласување на македонското законодавство со законодавството на ЕУ каде споделеното родителско отсуство се воведува како неизбежна пракса за земјите членки.