Премиерите од Западен Балкан на работен ручек со еврокомесарите Хан и Габриел

Интеграцијата на земјите од Западен Балкан во единствениот дигитален пазар на Европската Унија, беше централна тема на работниот ручек  организиран со еврокомесарите за соседска политика и проширување и за дигитална економија и општество, Јоханес Хан и Марија Габриел, како дел од агендата на Дигиталниот самит за Западен Балкан, што се одржува денеска и утре во Скопје.

На работниот ручек присуствуваа премиерите на Македонија, БиХ, и Косово, Зоран Заев, Денис Звиздиќ и Рамуш Харадинај, вицепремерката на Албанија Сенида Меси, министри од владите на земјите во регионот, државниот секретар во Министерството за економија и енергетика во Владата на Сојузна Република Германија Томас Берејс, претставници на Европската инвестициска банка, и на Советот за регионална соработка на земјите од ЗБ.

Премиерот Заев ја истакнал важната улога на „Дигиталниот самит  за Западен Балкан“, и на презентираната студија „Влијанието на дигитализацијата на просперитет на Западен Балкан“, како значајни импулси за земјите од регионот за да ја продлабочат соработката и поинтензивно да работат на дигитална трансформација којашто ќе придонесе кон раст на БДП, пораст на инвестициите во регионот, развој на старт-апи и отворање на нови работни места, информира прес-службата на самитот.

На средбата се разговарало и за иницијативата за институционализација на Платформата за бизнис пријателска средина (Business Friendly Environmet,BFE) како мултилатерална организација којашто ќе биде поддржана од владите во регионот.