Премиера на „Царот Владислав“ во струмички театар

Во Струмица на малата сцена во Центарот за култура „Антон Панов“, струмичкиот театар утре вечер премиерно ќе ја прикаже праизведбата на претставата „Царот Владислав“ по текст на Борис Јанков, а во режија на Бранко Ставрев.

Ова е четврта премиера на НТ „Антон Панов“ за сезонава, а е работена по текст дебитантски текст на авторот, струмичанецот Борис Јанков.

– Утре ќе ја имаме праизведбата на оваа претстава која е работена по текст на нашиот сограѓанин Јанков кој не изненади со текстот кој е работен по мотиви на проф.д-р Драган Ташковски во истоимениот роман. Пиесата е пишувана во стих кое е едно од најтешките драматуршки зафати, а тоа мошне успешно го направил Јанков. Неколку години се мислевме како да ја поставиме претставата и на крај режисерската палка ја прифати Ставрев, рече на денешната прес конференција, раководителот на театарот, Драган Маџиров.

Авторот истакна дека му претставува особена чест што неговото првенче е објавено како пиеса, а сега и поставено во претстава.

– За мене е голема чест и радост што стигна до реализација на овој проект, бидејќи драмата почнав да ја пишувам пред седум години. Верувам дека овој стопроцентен струмички проект од режисер, глумци и автор ќе брилјира не само дома, туку и на републичко и меѓународно ниво. Ова е едно класично дело со една фундаментална длабочина, со голема сила презентирана на еден возвишен естетски начин, наречен поезија. Главна преокупација ми беше длабоката скрб во срцето за поделеноста на македонскиот народ со една идеја за повишување на националната свест и сплотеност на нашиот народ, рече авторот Борис Јанков.

Режисерот Ставрев истакна дека Јанков не ги измислува ликовите и настаните туку ги наоѓа во средновековната историја, и од нив создава сопствена уметничка слика и поглед на свет.

Нашата патувачка театарска трупа мноштвото амбиенти ги заменува со празен сценски простор за да го потсили индивидуалниот и колективниот (хорски) актерски израз и динамичниот тек на играта. Некој, некаде, некогаш изјавил дека историјата се повторува како фарса. „Царот Владислав“ е повод уметнички да истражиме дали таа фамозна сентенца е жива вистина или мртва лага. Се започна од мислата за претстава врз урнатините на Цареви кули над Струмица за да заврши во Самоиловата тврдина ви Охрид и античките театри, во Хераклеја, Стоби и Скупи, вели Ставрев.

Главниот лик на царот Владислав го глуми актерот Стојан Велков Трн, кој вели дека преку него се исткаени различни психолошки сосотојби.

– Најбитно ми е јас, режисерот и моите колеги на сцена да ги доловиме сите тие братоубиства, сите психички процеси низ кој поминува една личност, еден човек, читајќи ја или играјќи ја историјата. Ова е претстава која исклучиво лежи врз актерската игра зошто сцената е празна, ослободена од сценографија, само минимално некои реквизити, рече актерот Велков.

Директорот на Центарот за култура „Антон Панов“, Ванчо Патриков, истакна дека по 100 дена на оваа функција може да се пофали со 70 култуни настани во институцијата.