Премиера на филмот „Ти си Алеф“ со Игор Џамбазов


Играно-документарниот филм „Ти си Алеф“ – авторски проект на проф. д-р Соња Ризоска-Јовановска, во кој насловната улога ја игра Игор Џамбазов, премиерно ќе биде прикажан во Македонската опера и балет вечер од 20 часот.

Според сценаристката, режисерка и продуцентка на филмот Ризоска-Јовановска, филмот раскажува за неуморен патник кој тргнал кон патот на вистината, правдата, светлината, љубовта.

– Приказна за една неверојатна потрага по духовното обновување и средбата со највозвишеното, транцеденталното, сите допири со вечноста сфатена како скаменета сегашност, за човекот како микрокосмос, за лавиринтот на посебната форма за да се пронајде совршениот став за смислата на постоењето во секојдневниот живот, за да се продолжи понатаму…, се наведува во најавата.

Премиерата ќе биде придружена со концерт на традиционалните инструменти бендир неј и неј, во изведба на доц. д-р Абаз Јахја и Ајдин Јахја,. Ќе биде отворена и фотографска изложба „Од пепелта до вистината со Алеф“, како и ликовна изложба „Тајната на животот е да се падне седум пати и да се стане и осмиот пат“ на сликарот и хуманист Живко Поповски-Цветин.