Премиера на „Секвенци“ на Рисима Рисимкин во Кина

На сцената на Танцовиот театар во Жијанг конзерваториумот за музика, во градот Хангџо, Кина, на 23 октомври се изведе најновата премиера на кореографот Рисима Рисимкин, под наслов „Секвенци – Минато; Сегашност; Иднина“. Во претставата учествуваат петнаесет млади танчери, музиката е на композиторот Тони Китановски, а костимите се на познатата кинеската костимографка Бинг Ксианџи.

– Секвенци се приказ на идејата за физичкото тело, поставено во различни временски рамки. Преку интерактивна соработка со танчерите, создадовме слики за минатото, денешнината и за иднината. Тело. Различни тела. Телото како фокус на истражувањето низ времето. Интегриран колектив, како рефлексија на социјалните состојби, слики. Физички аспект на танцот низ различни временски рамки. Проекција на физичкото преку идеите за мисловното и спиритуалното, вели Рисимкин.

Жијанг конзерваториумот за музика во Хангџоу е една од најсовремените Национални образовни институции во Кина, комплекс во кој можат да студираат и да бидат сместени до пет илјади студенти. Минатата година таму се одржа состанокот на министрите за култура од проектот „16+1“ помеѓу Кина и земјите на југоисточна и централна Европа. Комплексот располага со голем број студија за музичко образование, за танц и пет театри.

По премиерата во Хангџоу, Рисима Рисимкин во Пекинг учествува на годишниот состанок на Танцовата унија помеѓу Кина и земјите на централна и југоисточна Европа, во која е член на Бордот.

Во исто време, во Пекинг се одржува фестивалот на Пекингшката академија на танц, на кој ќе гостуваат студентите од Катедрата за танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Македонија. Универзитетот минатата година потпиша договор за соработка со Пекингшката академија за танц, која е највисока Национална образовна институција за танц во Кина.

Студентите ќе настапат со кореографијата „Егзистирање“ на Рисима Рисимкин, дел од програмата на Скопје танцовиот театар. Во делото учествуваат студентите: Тереза Лазарев, Јована Зајкова, Сара Цветковска и Бобан Русески. Настапува и танчерката на Скопје танцовиот театар и асистент на УГД Адријана Данчевска, како и музичарите Виктор Филиповски и Владимир Трпковски, кои музиката ја изведуваат во живо.

Рисима Рисимкин ќе одржи мастер класови на Пекингшката академија за танц и на Универзитетот Минѕу во Пекинг.