Премиера на претставата „БААЛ“ на Охридскиот театар

Охридскиот народен театар вечерва на матичната сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“ премиерно ќе ја изведе претставата „БААЛ“ работена според текст на Бертолд Брехт.

Најновата поставка на Охридскиот театар говори за борбата на поединецот со маските на општеството, за битката против лицемерието и лажните морални вредности.

Зад режијата за поставката стои потписот на Андреј Цветановски кому ова му е четврта претстава со Охридскиот театар, инаку режисерот на првата претстава на институционализираниот театар во Охрид.

Режисерот Цветаноски изјави дека се работи за моќна и сериозна поставка на високо рамниште работена според првиот текст на Брехт, во која авторот создава антијунак кој што треба да ги урне сите маски и сите лицемерни постапки во едно општество.

– Во нашата претстава главниот јунак истовремено води разговор сам со себе односно со својата совест и токму тој конфликт, борбата против маните на општеството е појдовната точка, изјави тој.

Во претставата е ангажирана речиси целата актерска екипа на куќата – Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Јасмина Билаловиќ, Адријана Билаловиќ – Тодороска, Стрезо Стаматовски, Биљана Билаловиќ – Вељаноска, Павел Маслов, Филип Кипровски, заедно со младите глумци Дамјан Цветановски и Тони Денковски.

Актерот Горан Стојаноски говорејќи за ликот што го толкува вели дека етимолошки „Баал“ означува име на Бог, пандан на Дионис, кој ги содржи сите квалификативи како човекова природа, а истовремено не се дел од социјализацијата.

– Комерцијализмот и се она што го промовира индустријата е практично едно ропство на човекот. Таквото силно ропство што му е ставено на духот во овој момент, една таква потенцијална сила наречена Баал, една животинска сила или хуманоидна природа се бори против сето тоа доведувајќи се до ситуација да се деструктивизира себеси, како указ дека луѓето имаат право слободно да живеат, изјави меѓу другото Стојаноски.

Сценографијата на претставата е дело на Сергеј Светозарев, костимографијата ја потпишува Милена Пантелеева, музички композитор е Димитар Андоновски, а дизајнот на светлото е на Милчо Александров.

Синоќа се одржа претпремиерната изведба на „БААЛ“, а премиерата на претставата е закажана за вечерва со почеток од 20 часот со цена на билетот 300 денари.