Премиера на „Непознато“ на Скопје танцовиот театар

Скопје танцовиот театар утревечер во 21 часот, во кино „Култура“ ќе ја одржи премиерата на претставата „Непознато“, која е трета продукција на еднинствената современа танцова компанија во Македонија за 2018 година.

Претставата се состои од две кореографии, првата насловена „Чудаците“ во кореографија и режија на Матеа Киселичка и „Непознато – фрагменти на извонредна машина“ работена по идеја на Александра Петрушевска.

– Импровизацијата се базира на одредени задачи за да се презентира моментумот, конекциите во група, будење на моторот на телото, да се поиграме со преувеличувањата и потценувањата, вели Петрушевска за кореографијата.

Во претставата настапуваат членови на Компанијата, која во континуитет, активно работи на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на светската танцова сцена.