Премиера на „Жена ми се вика Борис“ во режија на Синиша Евтимов


Претставата „Жена ми се вика Борис“ во режија на Синиша Евтимов ќе биде премиерно изведена во петок, 22 декември на сцената на Театар Комедија.

„Жена ми се вика Борис“, е модерна фарсична комедија, дело на Рафи Шарт, еден од најпознатите современи француски комедиографи, чии текстови доживуваат неверојатен успех на театарските сцени ширум светот. Познат по своите прецизни заплети, тој е еден од легитимните наследници на Жорж Фејдо. Неговата провокативна лиценца поетика лесно комуницира со публиката, а неговите карактери се огледало на животот што го живееме.

Комедијата „Жена ми се вика Борис“, со оригинален назив „Жена ми се вика Морис“ доживува и филмска верзија и тоа со забележителен успех. Инаку, овој современ текст ги ревидира моралните кодекси на однесување, во еден наш, локализиран простор и менталитет. Основните теми во оваа комедија: Проблемите на обичниот човек, емоциите, прељубата, лагите, интригите, либидото, се вонвременски.

Улогите ги толкуваат Сашо Ристовски, Роберт Ристов, Мими Поповска – Ристов, Александар Михајловски, Жаклина Петровска, Столе Мицов и Ева Скендеровска. Сценографијата е на Орхан Ќамилов, а костимографијата на александар Ношпал.

Инспициент е Ниријамет Рушити, а суфлерка Сања Стојковска.