Прекувремена работа – гратис за газдата?
Здравко Савески
Веројатно е неизбежно периодов да се занимаваме со името и со НАТО. Но, ако им дозволиме целото внимание да ни го одвлечат на овие проблематики, како и многупати досега, занимавајќи се со „високата“ политика, ќе заборавиме на сопствениот животен стандард и после ќе се чудиме зошто тонеме, зошто осиромашуваме, зошто водиме крпен живот.
Пред Први мај, „Фајнанс тинк“ објави фрапантен податок (на кој веќе заборавивме), дека секој четврт вработен во земјава работи прекувремено! Овој податок нужно го поставува прашањето: од каде толкавиот обем на прекувремена работа? Ако тоа навистина беше економска нужност, тоа ќе индицираше дека нашата економија е во невиден подем: се произведува наголемо, недостига работна сила, па мора да се работи прекувремено за да не остане незавршена работата.
Сите знаеме дека не е така. Се работи прекувремено не поради недостиг на работници, туку зашто газдите најдоа село без кучиња и зашто им се може. Па ги принудуваат работниците да работат прекувремено, ретко плаќајќи ги согласно со закон и најчесто пикајќи ги парите од нивниот труд во својот џеб. А дека не се работи согласно со закон, покажува уште еден важен податок што го објави „Фајнанс тинк“: дека просечните прекувремени часови неделно на оние што имале барем еден час прекувремена работа изнесуваат 13 часа за мажите и 11 часа за жените. Ако се знае дека дозволениот максимум за прекувремена работа неделно е 8 часа, овој податок индицира дека на значителен дел од работниците што работат прекувремено им се кршат правата што ги имаат по закон.
Токму во овој период од годината има потреба да потсетиме на прекувремената работа, зашто на 17 јуни помина 24. седмица во годината. Тоа е важно да се има предвид, зашто, законски, не смее да се работи по 8 часа прекувремено повеќе од 24 седмици во годината. Па, ако од Нова година до денес секоја недела сте работеле по 48 часа неделно, почнувајќи од 17 јуни, газдата не смее да ве принудува да работите прекувремено до крајот на годината. И не само тоа. Ако веќе сте надминале 150 часа прекувремена работа, или ако го надминете овој обем на работа до крајот на годината, покрај дополнителното плаќање на прекувремените часови, газдата многу веројатно треба да ви исплати и бонус плата од 23-24 илјади денари, без разлика на платата што ја примате.
Иако ова се релативно стари одредби во законот, сè уште добар дел од работниците не знаат дека за прекувремена работа од над 150 часа годишно им следува бонус плата и тоа во износ на просечната плата во државата. Ќе нагласам, не зборуваме за обврската на газдата секој час прекувремена работа да ви го плати зголемен за 35 отсто. Покрај таа исплата, ако сте работеле над 150 часа годишно и ако не сте отсуствувале од работа повеќе од 21 ден во текот на годината (не сметајќи го годишниот одмор), го имате законското право на таа бонус плата од 23-24 илјади денари.
Секое избегнување на дополнителното плаќање на прекувремената работа и секоја неисплата на бонус плата при надминати 150 часа работа годишно значат незаконско збогатување на газдата и осиромашување на работникот. Работникот дополнително си скратува од времето што може да го помине со семејството, да се одмори, да ги заврши своите приватни обврски, со цел да му обезбеди повисок профит на газдата, а тој ги избегнува своите законски обврски, дополнително збогатувајќи се на сметка на работникот!
На оние што ги бранат позициите на газдите може да им се чинат престроги овие законски одредби. За „малку“ подолго работење, газдата треба да му исплати бонус плата од 23-24 илјади денари на работникот кому му плаќа редовна плата од 12 илјади денари. Покрај тоа што, ете, можеби ја почитува својата обврска часот прекувремена работа да го плаќа зголемен за 35 отсто.
Кога ова се тврди, треба да се има на ум дека прекувременото работење не е замислено да биде вообичаена практика. Самиот закон пропишува дека прекувремената работа не може да се примени по слободна одлука на газдата, туку само во случаи на исклучително зголемување на обемот на работата, ако е потребно продолжување на производниот процес, за да се отстрани оштетување на средствата за работа и да се обезбеди безбедност на луѓето, имотот и прометот. Оттука, прекувремената работа треба да биде исклучок, а не правило. Ако на редовна основа е потребно извршување на поголем обем на работа, кој не може да биде завршен од моментално ангажираните работници во текот на редовното работно време, тогаш газдата треба да вработи нови работници, а не постојните работници да ги тера да работат прекувремено. А ако сака на тој начин да се справи со поголемиот обем на работа, тогаш за таа своја одлука треба да ги сноси финансиските реперкусии предвидени во законот. Ама, не! Газдите во Македонија сакаат ем работниците да им работат прекувремено ем за тоа да не ги плаќаат! Нашле село без кучиња, па им се може!
Се разбира, ако им се дозволи на газдите неказнето вака да постапуваат, тие тоа ќе го прават. Ќе продолжат да не ги плаќаат дополнително часовите прекувремена работа и нема да исплаќаат бонус плата, иако се обврзани со закон. И ќе продолжат да ги тераат работниците да работат подолго од законски дозволениот максимум од 8 часа неделно и 190 часа годишно. И ќе продолжат да ангажираат, спротивно на законот, лица кои не смеат да ги ангажираат прекувремено (барем без нивна согласност), како: жени за време на бременост, раѓање и со деца до три години, самохрани родители со деца до шест години, малолетни и повозрасни работници, како и работници кои се соочуваат со здравствени ризици или имаат здравствени проблеми.
Запрашајте се, до кога ќе толерирате парите што вие сте ги заработиле, што вам ви припаѓаат, да завршуваат во џебот на газдата? Зашто тој нема, а вие имате? Да, тешко е автентичното синдикално организирање, но тоа не значи дека нужно мора ова да го трпите со скрстени раце. Барем пријавете во Инспекторат на трудот кога се крши законот на ваша штета. За да го избегнете кодошењето до газдата, нека пријавата биде преку некоја организација или преку некој ваш пријател или познајник кој нема да можат да го поврзат со вас. Не дека секој трудов инспектор заслужува доверба. Но не е точно и дека сите инспектори се корумпирани. Притиснете го газдата. Прво утврдете дали работното време се евидентира согласно со закон. Газдата мора да води евиденција на работното време, над 25 вработени – електронски, а до 25 вработени – преку евидентен лист. Ако не го прави ниту тоа, пријавете го за тоа. Глоба што треба да ја плати согласно со законот е 3.000 евра. А ако го почитува законот во овој дел, тогаш вашата прекувремена работа може да се докаже, па можете да пријавите ако работите прекувремено подолго од законски предвиденото и/или ако не ви ја плаќа соодветно прекувремената работа.
Прво треба да се знаат сопствените права. Но тоа е далеку од доволно. Треба да се застане во нивна одбрана. Ако тоа не се направи, како во случајот со прекувремената работа, вие ќе ја имате приликата и понатаму да гледате како вашиот газда, со пари што законски вам ви припаѓаат, се луксузира во слободното време, додека вам и слободното време ви е скратено поради тоа што ве принудил да работите подолго од законски дозволеното.