Прекината седницата на Советот на општина Гостивар


Петтата седница на Советот на општина Гостивар беше прекината денеска, откако членовите на ДУИ и останатите партии кои го сочинуваат мнозинството ја напуштија салата. Како причина го наведоа вербалниот напад врз членот на советот Адис Исмаили од редовите на ДУИ. Со одлуката да ја напуштат седницата, се солидаризираа и советниците од СДСМ, Народната демократска преродба (НДП) и Демократските сили на Ромите (ДСР).

По усвојувањето на дневниот ред со две дополнителни точки, координаторот на советничката група Шп’тим Џелили во обраќањето пред останатите советници информираше дека минатиот петок, нивни колега бил вербално нападнат од страна на лице кое е познато како претседателот на огранокот на Алијансата за Албанците од селото Лакавица.

– Ние нема да се вратиме во работата на Советот сé додека градоначалникот Таравари не се извини за ваквото однесување на неговите сопартијци, рече Џелили.

Во дискусиите, претставниците на партиите го осудија овој чин, образложувајќи дека тоа не е демократски принцип на делување и побраа во иднина да нема вакви појави.

По прекинот на седницата членовите на советничката група од редот на Алијансата за Албанците одржаа прес конфернеција на која го осудија ваквиот потег на мнозинството.

– Ова не е бојкот, туку еклатантен пример на опструкција на работата на општината. Тоа што на советникот му било кажано во лице е секојдневие со кое колегите од ДУИ се соочувуваат при нивните средби со народот. Народот, не со насилство туку со збор го искажува незадоволството од нивните политики, рече Миртезан Селими советник од Алијансата за Албанците.

Претседателот на Советот на општина Гостивар Насир Муслиу, по напуштањето на салата од страна на советниците, констатираше дека нема кворум за продолжување на седницата и рече дека дополнително ќе ја презакаже.

Подготовките за одржување на седницата на која имаше точки со предлог одлуки за извештаи, програми за работа и прифаќање на завршни сметки на јавни претпријатија се одвиваа без застои, а комисиите претходно ги разгледаа и дискутираа за нив.