Предновогодишни журки во Скопје: Џибони или Јоксимовиќ?

Вечерва ќе мора да одлучите: МОБ или ВИП Арена „Борис Трајковски“? Интимна или масовна забава? Српската поп-ѕвезда Жељко Јоксимовиќ или хрватската поп-ѕвезда Џибони, заедно со Влатко Стефановски Трио и „Фанк шуи“?

Популарниот српски музичар Жељко Јоксимовиќ повторно се враќа со претпразничен концерт во Скопје, а дружбата е закажана во МОБ, со два настапи: во 19 и во 22 часот. Освен старите хитови, пејачот ќе се престави и со нови рефрени, вклучувајќи го и штотуку објавениот сингл “Мењај песму”, по кој е и насловен претстојниот концерт.

-Немав време да ја променам цела плоча, затоа ја променив песната и тоа е доволно. “Мењај песму” е нешто најубаво што сум го ископомпонирал во последниве неколку години. Нема повеќе ваква музика, но ќе ја има на моите претстојни концерти”, рече Јоксимовиќ во најавата за серијата настапи што ќе ги има наредниов период, меѓу кои големиот концерт во Белград на 3 декември.

Музичарот во ноември минатата година ја наполна арената „Борис Трајковски“, а во 2016 одржа и три последователни концерти во МНТ, во чии рамки под насловот “Два света” пееше џез и свинг-преработки на негови и песни од колеги од поранешна Југославија.

Концертот го организира продукцијата “Прагма”.

Хрватскиот кантавтор Џибони пак ќе биде ѕвездата на годинешното издание на фестивалот „Ол ју нид ис лав“(All you need is love) вечерва, во 20 часот, во ВИП Арена „Борис Трајковски“ во Скопје, во организација на продукција „Авалон“.

Гитарската легенда Влатко Стефановски со својот бенд ќе има целовечерен настап на годинешното издание на фестивалот „Ол ју нид ис лав“(All you need is love), а ќе настапи и како специјален гостин на неколку песни заедно со главната ѕвезда на фестивалот, хрватскиот кантавтор Џибони со кој соработуваше на неговите албуми во Хрватска.

Вечерта свој настап ќе имаат и „Фанк Шуи“, ексклузивците на Авалон. (Л.С.)