Предлагачи на уставните промени ќе бидат 71 пратеник

Постапката за уставни измени ќе почне веднаш по референдумот на 30 септември, а предлагачи на амандманите на Уставот, според собраниски извори, најверојатно, ќе бидат 71 пратеник од владејачката коалиција и од двете опозициски партии од албанскиот блок кои го поддржуваат референдумот.
Според напишите соговорници, се планира Собранието, како иницијатор на престојниот референдум, да биде и предлагач на амандманите на Уставот што произлегуваат од Преспанскиот договор. Како што е предвидено со уставните одредби, предлог за пристапување кон измена на Уставот на Македонија може да поднесат претседателот на државата, Владата, најмалку 30 пратеници или 150.000 граѓани.
Иако првата редовна седница на парламентот, по референдумот, се најавува за 15 октомври, информациите од Собранието се дека процедурите за измена на Уставот ќе стартуваат од почетокот на следниот месец за процесот да може да заврши во најкус можен рок, односно до крајот на јануари.
Владејачкото мнозинство брои моментно 68 пратеници, на кои за поддршка на референдумот им се приклучија уште четворица пратеници од тетовското крило на Беса и на Алијансата за Албанците. Но, со оглед на тоа што Ферид Мухиќ од пратеничката група на СДСМ најави дека нема да гласа за устаните амандмани, иако тие не се уште готови, проценките се дека иницијативата за пристапување кон уставни измени ќе ја потпишат 71 пратеник. Потоа, ќе треба да се обезбедат уште девет гласа од опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ за прогласување на уставните измени.
Дваесетина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се огласија досега преку социјалните мрежи дека нема да гласаат за уставни измени. Но, пратеничката група на коалицијата „За подобра Македонија“ брои 48 членови и во нејзините редови има поделб, меѓудругото, и во однос на учеството на престојниот референдум. (А.М.М.)