Предвремени избори пред портата


Ерол Ризаов

Колку е неуспешен или успешен референдумот, ќе се види во парламентот наредните денови. Консултацијата со околу 700.000 граѓани, колку што гласаа на референдумот, политичарите многу добро знаат што значи. Дали е тоа добар предзнак да се гласа за уставни промени и да се прифати договорот со Грција или да се оди на предвремени избори ќе биде големата тема што ќе ја преокупира јавноста и ќе ги зголеми тензиите.
Но, едно е сигурно – оваа бројка од 700.000 гласачи јасно кажува дека не се доведени во прашање ниту евроинтеграциите ниту договорот со Грција.
Доколку ВМРО-ДПМНЕ ја игнорира оваа референдумска бројка и не ги поддржи уставните промени, предвремените избори се неминовност и ќе се одржат до крајот на годината, поточно во декември.
Што значат овие близу 700.000 граѓани кои цврсто стојат на ставот за влез во ЕУ и во НАТО ќе се уверат сите што стојат на патот на историјата за иднината на Македонија.
Од независноста на Македонија за изминатите 27 години ниту една политичка партија на ниту едни избори не добила повеќе од 500.000 гласови, дури и победничките големи коалиции на повеќе партии немаат над 500.000 гласа.
Во овој случај коалицијата на европските партии без разлика дали е предизборна или постизборна ќе книжи над 650.000 гласа што ќе обезбеди повеќе од две третини пратеници и на многу полесен начин остварување на стратегиските државни интереси. Само за илустрација, доволен е податокот дека ВМРО-ДПМНЕ владееше 11 години и на ниту едни избори не ја достигна бројката колку што на вчерашниот референдум гласаа граѓаните „за“ Европа. Напротив, просекот на сите изборни победи на ВМРО-ДПМНЕ се движи околу 380.000 до 400.000 гласа (ако ги исклучиме сателитските партии во коалициите), исто колку и на СДСМ.
Вториот факт, кој малку се зема предвид е тоа што редовно во Македонија околу 25 до 30 проценти од граѓаните апстинираат, не гласаат што сигурно не се гласови на некаков партиски организиран бојкот. Проблемот со Избирачкиот список, немањето попис и иселените граѓани во странство сигурно ја намалуваат бројката на околу 1.350.000 граѓани кои се потенцијални гласачи.
Ако овие претпоставки на повеќе стручни луѓе се точни, тогаш и на овој референдум е постигнат цензус. Но да не правиме претпоставки, без оглед колку се реални, тие не важат додека не се исчистат избирачките списоци и не се направи попис. Во секој случај ако наредните денови не се постигне меѓупартиски договор за уставни промени во најбрз можен рок треба да се одржат вонредни парламентарни избори. Во спротивно, секое одолговлекување ја носи државата во опасно води да се врати не на кандидатскиот статус за членство во НАТО и во ЕУ, туку многу поназад на стартот од пред 27 години.
Тоа би била најголемата катастрофа што може да ја снајде Македонија. Кој колку е виновен за тоа нема да значи ништо, како што не значи во ниту една држава која се распадна во изминатите 30 години.