Преговори Заев-Ахмети: Има шанси за консензуален кандидат, ама тоа не е Силјановска

Двете најголеми владејачки партии се на добар пат да договорат заеднички настап на престојните избори со консензуален кандидат за претседател. Тоа е исходот од денешната средба меѓу лидерите на СДСМ и на ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети, кои дојдоа во Клубот на пратеници придружувани од генералните и организациските секретари на партијата.

Во оваа фаза од разговорите не било зборувано за конкретни имиња на можни кандидати за претседател на државата, освен што биле посочени имињата од анкетите што ги правеше СДСМ, за што Заев рече дека најдобро поминуваат кандидатите што се попознати во јавноста и дека за сите нив има поддршка од различни целни групи испитаници и од различни етнички заедници. Заев рече дека ова е прва фаза од разговорите меѓу коалициските партнери околу нивен заеднички настап на изборите, а посочи дека за имиња ќе се разговара во следната фаза, односно од почетокот на идната недела, со оглед на тоа што конгресот на СДСМ е закажан веќе за  3 март.

На прашање дали професорката Гордана Силјановска која е избрана од ВМРО-ДПМНЕ за претседателски кандидат би можела да биде консензуален кандидат прифатен од и владејачките партии, Заев одговори дека таа не е прифатлива како кандидат за СДСМ, поради тоа што, како што рече, е надвор од актуелниот концепт на живот и надеж.

-Таа не даде поддршка во ниту еден сегмент на тоа што го поддржува цел свет и огромно мнозинство на граѓани. Македонија направи голем чекор напред, отидовме во исполнување на нашите децениски аспирации. Ние денеска сме земја каде што секоја недела се ратификува протоколот за НАТО, ние сме земја преговарач со ЕУ, а Силјановска е надвор од тој концепт“, изјави Заев, коментирајќи за изјавата на професорката која рече дека е подготвена да биде и заеднички кандидат доколку нејзиниот профил одговара на СДСМ.

Али Ахмети изјави дека политичките фактори имаат одговорност одлуките што ќе се носат да бидат во корист на државата, мнозинството граѓани и на партиите. Потврди дека разговорите продолжуваат на ниво на организациски секретари.

На прашање дали ДУИ би го поддржала Зоран Заев како консензуален кандидат, Ахмети рече дека лидер на политичка партија не би требало да се кандидира за претедател. На прашање дали тој би се кандидирал за шеф на државата, Ахмети одговори само со „не“. Заев претходно уште еднаш повтори дека не планира да се кандидира за претседател, затоа што, како што рече, како премиер и економист по професија сака да се посвети на зајакнување на економијата на државата.