Превртливиот Акмис


Звонко Давидовиќ

Македонското судство се модернизираше и направи огромен исчекор кон објективноста и непристрасноста, објави пред години тогашниот претседател на Судскиот совет, горделиво раскажувајќи за Акмисот. Странците вложија пари убедени дека придонеле за зајакнување на независноста на судството, објективноста и неселективноста заборавајќи една голема вистина. Ние Македонците сме виртуози да го изиграме секој пропис и да најдеме или ископаме дупка во законот низ која ќе се протнеме. Акмисот требаше автоматски, непристрасно и по случаен избор да распределува предмети кај судиите, а со цел да се одбегне „местењето“ на предметите кај подобни судии или судии послушници.

Можеби Акмисот работи и функционира во нормални држави и општества, но ние сме далеку од нормална држава и нормално општество. Кај нас Акмисот стана алатка со која уште полесно ќе се наместат предметите кај подобните судии. Не е битно колку е совршен системот, туку е битно колку е несовршен или расипан оној што управува со него. Тоа е факторот на кој сите заборавија – човечкиот фактор. А тој човечки фактор беше избиран и регрутиран од делот на луѓето кои немаа свое јас, кои немаа морални вредности ниту скрупули, тоа беа луѓе што би направиле сè за свој интерес. Уште полошо е што тие ситни мали превртливи и морално недораснати човечиња ги избираа уште понеморални луѓе кои немаа ништо свето освен својата позиција и благосостојба. Од алатка која требаше да биде гарант на неселективноста и објективноста Акмисот стана алатка на изговори и манипулации. Оној што го владееше Акмисот, владееше со судството.

Долгогодишното другарување со Акмисот на првите луѓе во судството и невршењето на контролите на неговото работење на другиве донесе привилегии и недопирливост за определен круг политичари и бизнисмени, а стана алатка за егзекуција на политичките противници и неистомисленици. Првите добија позиции кои никогаш не ги заслужуваа во судството и кои би им биле недостапни во едно нормално општество, а вторите добија извонредна алатка или „волшебно стапче“ за справување со сите оние што им пречат. Акмисот како прв другар на првите луѓе избираше судии за најбитните судски предмети во кои обвинетите беа политички опоненти на владејачката гарнитура, а за да се одбегне секоја можна објективност, судии се праќаа на боледување, по неколкупати се правеше годишниот распоред и уште многу други снаодливи незаконски нешта.

Сево ова излезе во јавноста, дури Министерството за правда формираше комисија која ги констатираше сите малверзации со Акмисот, но ништо посебно не се случи, како и секогаш. Секое чудо за три дена и се полека стивна и никој од никого не побара одговорност.

Се дебатираше, се пишуваа колумни, се прозиваа луѓе, се напаѓаше и се бранеше сваровски-судството но одговорност и резултат од сево ова немаше како и многупати до сега. Проблемот се реши со избор на нов претседател на судот, а стариот го пратија во прекршоци.

Наеднаш Акмисот почна да избира други судии и почнаа да се вртат нови имиња во постапките кои беа и се под лупа на јавноста. Но како што изминуваше времето Акмисот сè повеќе влегуваше во форма и почна да врти повторно едни те исти имиња, а за најголемите и најзвучните предмети едно те исто име. Со кого си таков си рекле старите и како и секогаш, биле во право. Акмисот не може да биде поразличен од судиите со кои и за кои работи. Судиите како сончогледи се вртеа таму каде што ќе ги грее „сонцето“ и со еден клиентелистички однос повторно ѝ се додворуваат на власта, а Акмисот, како и секој добар другар и колега, нормално е да ја избере страната на судиите. Што му е гајле на Акмисот за правда, правичност, објективност, непристрасност кога не им е гајле ни на судството ни на Судскиот совет.

Од одговорноста и евалуацијата на работењето на секој судија и членовите на Судскиот совет во долго најавуваната реформа на судството досега се утврди единствено дека Акмисот е виновен за состојбите во судството, за двојните аршини и за урнисаната независност на третата власт.

Сево ова ме потсетува на една стара скопска анегдота за газда Моша. Газда Моша, Евреин и стар богат трговец, имал дуќан преку Вардар во Стара чаршија и секое утро поминувајќи го Камениот мост и вртејќи го весело стапот во рака, кој го носел како знак на отменост и положбата, со насмевка и со подигање на шеширот ги поздравувал своите комшии, другите газди. Едно утро газда Моша намуртен, со наведната глава го поминувал мостот и никого не поздравувал ниту отпоздравувал. Намуртен седнал пред својот дуќан и молчел со часови. Првиот комшија, дуќанџијата до него, загрижено го прашал што му е. Газда Моша му одговорил дека има голем проблем и дека ја фатил на отоманчето својата многу помлада жена во прегратка со својот секретар. Се замислил комшијата и по неколку минути молчење му предложил на газда Моша да ја избрка жената. „А, не можам“, се побунил газда Моша, „ја сакам, не можам без неа“. „Па избркај го секретарот“, му предложил комшијата, на што газда Моша изреагирал уште побурно, со објаснување дека тоа е невозможно затоа што секретарот му ги знае сите финансиски и деловни далавери. „Ех“, заклучил комшијата, „навистина имаш голем проблем кој тешко ќе го решиш“.

Утредента газда Моша сиот насмеан, вртејќи со стапот и кревајќи го шеширот, се појавил пред својот дуќан. Комшијата останал вчудовиден и го прашал газда Моша дали е сè во ред. Овој насмеан, му одговорил дека го решил проблемот. „Ја избрка жената“, му вели комшијата. „Ма, не“, се смее газда Моша, а комшијата продолжува и му вели: „Па, тогаш си го избркал секретарот“. „Ма, не“, се смее и понатаму газда Моша и сиот среќен му вели „го исфрлив отоманчето и си го решив проблемот“.

Заклучокот од сево ова е повеќе од јасен. Секој си го решава проблемот на свој начин и најчесто избира начин заради кој нема да го боли срце, начин кој не бара многу труд или размислување. Волкот сит, овците на број, а отоманчето на ѓубриште или Судскиот совет сит и безгрижен, судиите на број, а Акмисот кабает.

Мислам дека секој понатамошен коментар и објаснување во врска со ова е излишен и дека оној што сакал да го разбере го разбрал, а оној што не го разбрал нема ни да го разбере, па точно уште десет страни да потрошиме на објаснување.