Првиот гел за контрацепција за мажи ќе се тестира идната година

САД- Првото средство за контрацепција кај мажите кое се нанесува како лосион драматично ќе го намали бројот на сперматозоиди. По речиси цела деценија истражувања, научници од САД ќе почнат да го тестираат гелот за контрацепција кај мажи во април идната година.

Гелот треба да се мачка на рацете и на рамената секој ден. Досегашните тестирања во текот на шест месеци се покажаа успешни – кај 89% од мажите кои учествувале во истражувањето бројот на сперматозоиди се намалил на помалку од 1 милион на милилитар, што е многу мал број за да може жената да забремени, додека кај 78% од мажите целосно изостанало производството на сперма.

Во текот на истражувањето биле користени два типа на гел на различни делови од телото, а сега ќе се комбинираат во еден производ. Тестирањето на тој нов гел ќе трае четири години и досега ќе биде најголемиот постигнат резултат кога станува збор за контрацепцијата кај мажите.

Повеќе од 400 парови од САД, Велика Британија, Италија, Шведска, Чиле и од Кенија ќе учествуваат во истражувањето. Мажите ќе треба да мачкаат по половина лажица гел на надлактицата. Гелот се суши за една минута и треба да го намали бројот на сперматозоиди  во текот на 71 часа, па нема да биде проблем ако заборават да намачкаат нешто. Дури и доколку истражувањето е успешно, ќе поминат неколку години додека гелот ќе се продава во јавноста.