Правото е волја за правда

Милчо Велјаноски

Правната држава е воздухот што го дишеме, вели германскиот правен филозоф Густав Радбрух. Поаѓајќи од оваа максима, а сведено на македонските состојби, квалитетот на воздухот е ист онаков каков што е и квалитетот на правната држава, децениски создавана, со чести промени на законодавството, кои редовно се најавуваат како реформи. За успешноста на реформите, за промената на законите и за нивната примена, се вели при секоја најавена реформа, потребна е политичка волја.
Според Радбрух, пак, законодавството првенствено мора да биде волја за правда, односно успешен закон е само праведниот закон. Кога законите свесно ја негираат волјата за правда, посочува германскиот правник, кога на луѓето произволно им се одрекуваат човековите права, тогаш тие закони се без важност, тогаш народот не им должи послушност, тогаш и правниците мора да соберат храброст да им го оспорат карактерот на правото.
Може, исто така, да има закони со толкава мерка на неправедност и општа штетност што ним мора да им се одрече важноста, па дури и карактерот на право. Во таков случај, реформите во законодавството остануваат без кислородот на правната логика и пропаѓаат или, пак, стануваат репресивни како „камшик-законодавство“.
Оттука, правната држава подразбира праведни закони, конзистентност на правниот систем и на правната сигурност, но и правни вредности и принципи кои се посилни од која било правна норма. Тоа се принципите на етиката и моралниот закон бидејќи, како што вели Радбрух, правото првенствено е културен поим.
Правото е културен поим, на пример, и кога во Уставот се пропишува дека секој човек има право на здрава животна средина, но и кога се пропишува дека слободата на човекот е неприкосновена. Правото е културен поим и кога се бараат праведни закони и кога луѓето имаат пристап до правдата и кога имаат пристап до независен и непристрасен суд, каде што судат судии со интегритет, кои поседуваат силен морален закон.
Моралниот закон е услов за остварување на идејата на правото, а судбината на реформите, особено во правосудството, не зависи само од законот што е донесен, туку, како што истакнуваат челниците на ГРЕКО, во голема мера зависи и од законот што е изграден уште од најмали нозе. Во правосудството етиката не смее да биде метафизика, туку практика, но и нова естетика на правото. Само судиите со интегритет се гаранција за правната држава. Според меѓународните начела за поведението на судиите, еден судија е должен не само да донесе правична и непристрасна одлука, туку и да ја донесе на таков начин што ќе овозможи да биде ослободен од какво било сомнение за неговата праведност и непристрасност, како и за неговиот интегритет.
„Затоа, освен што треба да има одлично познавање на законот со цел компетентно да го толкува и да го применува, подеднакво е важно судијата да постапува и да се однесува на таков начин што странките во судот ќе бидат убедени во неговата непристрасност“, се вели во меѓународните начела за судиско поведение, т.н. Бенгалорски начела за судиско поведение.
Во овие начела за судиско поведение се нагласува дека судиите мора да ја реафирмираат вербата на луѓето во интегритетот на судството. Правдата не треба само да се извршува, туку и да биде видливо дека се извршува. Довербата во судството се темели не само на стручноста и на совесноста на судиите, туку и на нивниот интегритет и морална цврстина. Судијата не само што треба да биде добар судија, туку треба да биде и добар човек.
Од перспектива на јавноста, судијата не само што ветил дека ќе им служи на идеалите на правдата и на вистината, на кои се изградени владеењето на правото и темелите на демократијата, туку и да ги отелотворува нив.
Самото судство треба да е свесно дека судиите не зависат од постојната влада. Тие ги гледаат владите како доаѓаат и си одат. Тие, се вели во начелата, не им должат никаква лојалност на министрите, не им должат дури ни привремена лојалност, која се должни да ја имаат државните службеници.
„Судиите, исто така, се како лавови поставени покрај престолот, но на престолот во нивните очи не е седнат премиерот, туку законот и нивната грижа за јавниот интерес. Тие му ја должат својата лојалност на тој закон и на таа грижа. Во тоа лежат нивната сила и нивната слабост, нивната вредност и нивната закана“, се нагласува во коментарот на Бенгалорските начела.
(Колумната е дел од проектот на АГТИС, со наслов „Детски болести на демократијата“, финансиски поддржан од НЕД)