По 21 пат карневал под маски во Куратица

Жителите на охридското село Куратица по 21 пат празникот на селото Свети Василиј Велики ќе го одбележат со голем карневал под маски.

Карневалската програма започна синоќа со поаѓањето на Василичарската поворка, во чии рамки курајчките василичари ги посетуваат сите домаќинства во селото. Манифестацијата продолжува денеска, а официјалниот дел со дефилето на маските низ селото е предвиден за од 21 часот. Два часа подоцна ќе бидат прогласени победниците и најдобрите маски, чин што како и секоја година ќе биде проследен со голем огномет.

Карневалот под маски во Куратица од година во година се збогатува со нови содржини и се вбројува меѓу позначајните во државата, покрај струмичкиот, вевчанскиот, прилепскиот.

Жителите на Куратица велат дека карневалот е стар исто колку што е старо и селото. Непотврдени податоци говорат дека маскирањето во Куратица има традиција што датира од далечната 1575 година.