По Македонија, скандал и во Хрватска: Се продава дел од имотот на „Јадран филм“

Трговскиот суд во Загреб на 17 јануари 2018 година закажа јавна аукција за продажба на три згради и дворно место на должникот Филм дистрибуција, фирма чиј основач е „Јадран филм“ во сопствеништво на Винко Грубишиќ, пишува Јутарњи лист. Аукцијата ќе се извршува со почетна цена од 1 милион и 130 илјади евра (8,5 милиони куни).

Грубишиќ тврди дека станува збор за фирма-ќерка која има два до три отсто од нивниот вкупен капитал и дека никако не станува збор за стечај на „Јадран филм“.

– Ќе ја спасиме таа фирма. Сè уште разгледуваме што ќе биде за нас економски најисплатливо, но сигурно ќе најдеме решение – вели Грубишиќ. Тој додава дека компанијата се нашла во проблеми поради „стар даночен долг“.

Станува збор за данок во висина од 230 илјади евра (1.7 милиони куни). Фирмата во 2015 година поднела барање за почнување на стечајна постапка, но никогаш не ги доставила потребните документи, па стечајот го започнала Финансиската агенција.

Аукцијата е објавена на Министерството за правда, а според судскиот заклучок се продаваат три згради и дворно место со големина од 5.500 метри квадратни, имот во склоп на „Јадран филм“. Недвижностите се продаваат според „видено-купено“, а исклучени се секакви дополнителни приговори. На аукцијата може да учествуваат заинтересирани купци кои три дена порано ќе уплатат 13 илјади евра (100 илјади куни). Потенцијалниот купувач има обврска да ги подмири сите даноци и такси.

Пред неколку месеци одекна и скандалот со продуцентската куќа „Јадран филм“ во Македонија. Станува збор за неисполнување на договорот кој го склучиле со Агенцијата за филм од Македонија за снимањето на серијата „Македонија“.

До септември годинава требаше да бидат снимени 14 епизоди од првата сезона, за што од страна на Агенцијата на хрватскиот продуцент му се префрлени 1,2 милион евра. Епизоди сè уште нема, а за овој случај покрената е и истрага од Јавното обвинителство во Македонија.

„Јадран филм“ поднесе тужби против в.д. директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, за наводно самоиницијативно активирање на извршната клаузула од договорот за серијата „Македонија“. Тозија рече дека Судот ќе биде оној што ќе одлучи за случајот. Тој посочи дека нема ништо лично против Винко Грубишиќ и целиот случај го води од функцијата директор.

– Директорската функција ја презедов на 16 август, а „Јадран филм“ требаше да ги испорача готовите епизоди до 4 септември. Со нив имав работа 10 дена и во тие денови испратив три писма за серијата на кои не добив никаков одговор. Не можам јас на своја рака да преземам ништо, ова го работам од позиција на директор со цел тим адвокати, кои постапуваат по договорот. Поставен сум да ја заштитам институцијата која ја водам и нема да дозволам така да се одлеваат пари. Напротив, ќе работам на тоа овие пари да бидат вратени во целост – вели Тозија како реакција на последните случувања.

Извршната клаузула предвидувала раскинување на договорот доколку продуцентот не ги испорача епизодите во дадениот рок. Од „Јадран филм“ обвинија дека Тозија донел еднострана одлука за раскинување на договорот, која одлука по закон, а и според договорот, треба да ја потврди Управниот одбор на Агенцијата.

Тозија претходно соопшти дека повлечени се 19 милиони денари (300 илјади евра) од сметката на „Јадран филм“, согласно правосилното извршно решение и дека тоа е направено по законски пат.

– Како ќе се наплати остатокот ќе знаеме по завршување на истрагата на Јавното обвинителство и Финансиската полиција, кои ја проверуваат документацијата за целиот период – рече Тозија.

Во меѓувреме, „Јадран филм“ се соочува со уште еден проблем на територијата на Хрватска. Предтходниот месец ХРТ објави дека се откажува од снимањето на серијата „Гричка вештица“, која требаше да биде во копродукција со „Јадран филм“ и продуцентот Винко Грубишиќ. Како причина за нивната одлука, ХРТ го наведуваат неисполнувањето на обврските предвидени во договорот од страна на „Јадран филм“.

И.Н.