По „проветрувањето“ на владата, на ред се директорите

Незадоволство од работата на одредени директори на јавни и државни претпријатија, како и од некои градоначалници, било искажано на синоќешната седница на Централниот одбор на СДСМ, според информации од партиски извори.

Партискиот лидер Зоран Заев, наводно, рекол дека меѓу градоначалниците имало такви кои не работат како што треба и не „фермаат“ ништо. На тоа, според наши информации, се надоврзал министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој забележал дека има и функционери кои ги третираат државните претпријатија и институции како приватни фирми и дека се посветени само на остарување лични интереси. Во тој контекст, биле навестени промени на раководители во третиот ешалон по владината реконструкција за која утре ќе расправа парламентот.

Од СДСМ нема официјална потврда за информациите дека има има незадоволство од работата на дел од функционерите во третиот ешалон и дека таму следи покрупен кадровски рез во споредба со промените во првиот и во вториот ешпалон на власта. Висок партиски функционер вели дека ќе има смени на директори, ама дека тие промени нема да бидат толку големи.
Главна тема на синоќешната седница на ЦО на СДСМ биле преговорите за името. Како што соопштија од партијата, ЦО му дал целосна поддршка на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, потенцирајќи ја важноста од продолжување на разговорите со Грција.

„Црпејќи го легитимитетот од довербата што ни ја дадоа граѓаните, Централниот одбор едногласно донесе заклучок со кој му пренесе целосно право на престседателот на СДСМ, Зоран Заев, да носи одлуки во врска со проблемот што Грција го има со нашето уставно име, со цел да се обезбеди подобра иднина на Македонија и сите нејзини граѓани“, велат од СДСМ.

Од партијата најавуваат дека раководството ќе продолжи со средбите со граѓаните и поддржувачите низ целата држава. СДСМ, како што велат, како одговорна партија постојано го слуша гласот на граѓаните и ги следи нивните потреби.

Членовите на ЦО дале целосна поддршка на предлозите за министри и заменици министри во владата од редовите на СДСМ и тоа: Рената Дескоска за министер за правда, Петар Атанасов за заменик министер за образование и Андреј Жерновски за заменик министер за надворешни работи.