По повеќе од еден месец, ослободени Балканците што беа заробени од нигериски пирати

Морнарите што беа заробени од пирати, меѓу кои има и жители од Балканот, се ослободени, дознава „Аваз“. Тие беа заробени во нигериските води на 23 септември.

Седуммина од заробените морнари се Филипинци, а другите петмина се од Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Украина и Романија.

Тие сега во Нигерија чекаат лет за Швајцарија. Како што пишува „Аваз“, еден украински државјанин е полесно повреден, додека другите се во добра здравствена состојба.

Дванаесет членови на екипажот на швајцарската компанија „Масоел шипинг“ беа заробени од нигериски пирати, кои ги киднапираа на 23 септември. Пиратите го нападнаа товарниот брод „Гларус“, кој транспортирал пченица.