По пет месеци пауза, ќе се избира нов состав на ДИК со шест месеци мандат

Влегоа конечно во собраниска процедура измените во Изборниот законик, што треба да овозможат избор на нов состав на Државната изборна комисија, откако кон крајот на декември (или пред околу пет месеци) се испразни ова тело поради скандалот со високите надоместоци за последните изборни циклуси.

Со измените, чии предлагачи се координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ – Томислав Тунтев, Драган Данев и Ејуп Халими, како и Африм Гаши, како претставник на Беса, се враќа претходниот концепт на ДИК, каде што опозициските партии имаат тројца членови од кои се избира претседател на Комисијата, а владејачките партии имаат мнозинство – со четири члена. Во досегашниот состав на ДИК, пак, кој беше договорен во Пржино имаше тројца експерти од кои едниот беше претседател, а другиот заменик-претседател и уште по тројца претставници од мнозинството и опозицијата.

Се очекува измените во Изборниот законик да се најдат на дневен ред на пленарната седница на парламентот, што почнува на 21 мај, а новиот состав на ДИК треба да биде избран во рок од триесет дена од стапувањето на законот на сила. Новите членови на ДИК ќе имаат мандат од само шест месеци, односно додека не се донесат потемелни измени на Изборниот законик, за што партиите и експертите веќе дебатираат. Со следните законски измени, ДИК би функционирала како административно тело, во кое партиите ќе делегираат свои набљудувачи без право на глас шест месеци пред редовни избори.