По гласањето во грчкиот парламент, инциденти пред домот на пратеничка на СИРИЗА во Катерини

Група демонстранти доцна синоќа се судрија со полицијата пред домот на пратеничката на СИРИЗА, Бети Скуфа во грчкиот град Катерини, јави дописничката на МИА од Атина.

До инцидентите, според локалните медиуми, дошло кога групата, за време на протестот во центарот на градот, се обидела да стигне до домот на Скуфа, но била спречена од полицијата.

Демонстрантите за да го пробијат полицискиот кордон фрлале молотови коктели и камења, а полицијата одговорила со солзавец и привела 10 лица.

Слични инциденти пред домот на пратеничката се случија и во четвртокот вечерта, а полицијата уапси шест лица, меѓу кои две малолетни.