По бурните реакции: Запрен проектот за генетски модификувани бебиња

Проектот на кинеските научници за добивање генетски модификувани бебиња е запрен по бурните негативни реакции од голем број светски научни центри, соопшти одговорниот за проектот, д-р Хе Џианкуј.

Претходно, на биомедицинска конференција во Хонгконг, тој најави дека со неговите соработници успешно ја променил ДНК на бебиња близначки, зачнати од ХИВ-позитивен татко, што е прв случај во историјата. Родените близначки се целосно здрави.

– Доброволците беа информирани за ризиците и, сепак, решија да се нафатат на експериментот, нагласи Хе.

Научниот тим, генетски изменил ембриони на седум двојки, при што зафатот успеал само кај една жена и таа останала бремена. Испитувањата по раѓањето покажале дека само гените на една од близначките биле успешно модификувани. Второто новороденче добило еден од двата неопходни гена и така, тоа нема имунитет кон ХИВ вирусот.

– Модификацијата е направена со цел организмот на новородените девојчиња да има природна отпорност кон ХИВ вирусот. Таква генетска мутација се појавува и природно кај луѓето, но тоа е многу ретко. Ова е голема одговорност и не го сторив за да бидам прв во оваа област, туку да го отворам патот и кон нови вакви истражувања, изјави Хе.

Неговиот матичен Јужен универзитет за наука и технологии во кинескиот град Шенжен, не знаел за работата на д-р Хе, и тој го потврди тоа.

Џулијан Савулеску, професор по етика на Оксфорд, ваквата постапка ја нарече „чудовишен експеримент“. професорот Робин Ловел-Баџ смета дека овој потфат е „типично невнимателен и несоодветен“.

– Сепак, јасно е дека ова е историја. Овие две бебиња ќе останат првите генетски модификувани бебиња, така што ова е важна точка во историјата, изјави тој.