Почнува историското судење за крвавиот четврток

Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, петмина пратеници, оперскиот пејач Игор Дурловски, твитерџијата Богдан Илиевски, режисерот Борис Дамовски, актерот Владо Јовановски, Александар Василевски-Нинџа, денеска ќе седнат на обвинителна клупа.
Ним и на уште дваесетина други лица ќе им се суди за упадот во Собранието што се случи на 27 април минатата година кога беа нападнати и повредени пратеници, новинари и членови на обезбедувањето.
Судењето ќе се одржи во новата зграда на Кривичниот суд, кој треба да собере триесетина обвинети со нивните адвокати, новинарите и семејствата на обвинетите. Овој случај ќе го води судијката Добрила Кацарска која го осуди поранешниот премиер Никола Груевски на две години затворска казна во случајот „Тенк“, за набавката на луксузниот „мерцедес“. Судијката Кацарска веќе закажа 37 други термини за главна расправа.
По речиси една година од влегувањето на насилниците во законодавниот дом, Обвинителството поднесе обвинителен акт против 30 лица. Обвинението во судот ќе го брани обвинителката од организиран криминал и корупција Вилма Русковска. Обвинение е покренато против лицата за кои Обвинителството обезбедило докази дека учествувале во упадот, но нарачателот и организаторот се уште не се откриени. На прес-конференцијата на која обвинителот Љубомир Јовески соопшти дека е покренато обвинение не откри кој е нарачетелот на крвавиот четврток, но рече дека истрагата утврдила дека во упадот биле вклучени и непознати лица. Од Обвинителството велат дека предметот е сè уште во предистражна постапка.
„Се преземаат сите неопходни дејствија за утврдување на факти во истиот. Согласно закон, дејствијата во предистражна постапка се тајна и во моментов не сме во можност да споделиме детали“, велат од Обвинителството.
Адвокатот на Александар Василевски-Нинџа, Оливер Вуксановиќ, вели дека нивната одбрана е подготвена и дека очекуваат судот да донесе разумна одлука.
„Подготвена е одбраната, ќе ја изнесеме на главна расправа и оставаме судот врз база на сите предложени докази, како од Обвинителството така и од одбраната, да донесе една разумна и правно заснована одлука“, вели Вуксановиќ.
Обвинителството, кое тогаш беше под раководство на Марко Зврлевски, најпрво поднесе пријави за учество во толпа. Првата група беше осудена на условни казни, но потоа Апелација ги преиначи казните во затворски. Потоа истрагата ја продолжи Обвинителството под раководство на новиот обвинител.
Со обвинителниот акт опфатени се 32 лица, откако Александар Василевски-Нинџа и Никола Митревски-Кољо сами се пријавија во судот, и нивните имиња беа додадени во веќе постоечкото обвинение против триесет лица. Најголем дел се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а две лица се гонат за помагање. Во бегство единствено е Дејан Давидовски-Дешо.
Од обвинетите 11 лица се во притвор, 13 се во куќен притвор, а осуммина имаат мерки за претпазливост и гаранции. Нивната намера, според обвинителството, била да го загрозат уставниот поредок и да го спречат изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието.
Според обвинението, Чавков како носител на „златна команда“, иако постојано добивал известувања дека во Собранието е загрозен животот на новинарите и на пратениците, со уште двајца носители на „сребрена команда“ не издале наредби за распоредување на дополнителни и специјални полициски сили за внатрешно и надворешно обезбедување на Собранието, не издале наредба за евакуација и им овозможиле на насилниците да влезат внатре. Чавков беше притворен, но со гаранција во вредност од 600.000 евра во недвижен имот тој беше пуштен да се брани од слобода.
Братот на Василевски, кој работел како обезбедување на тогашниот премиер Никола Груевски, од Виена му се јавил на Нинџа и го известил да ја започне акцијата. Тој и уште неколкумина обвинети го мобилизирале членството од Скопје и други градови за насилен упад во Собранието.
Десетмина обвинети, пак, организирале поголема група на луѓе на кои им делеле маски качулки и заедно со нив се упатиле кон Собранието.
Организаторите на движењето „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, Владо Јовановски, Борис Дамовски и Игор Дурловски се товарат дека ги повикале и повеле насобраните граѓани кон Собранието и со своите говори ја разгореле нетрпеливоста на насобраните граѓани. Тие сега се наоѓаат во куќен притвор, освен оперскиот пејач Дурловски.
Граѓаните заедно со групата со качулки ја прескокнале заштитната ограда околу Собранието и се обиделе со туркање, удирање, и кршење насилно да ја отворат вратата.
Во исто време пратениците Љубен Атнаудов, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски заедно со тројца обезбедувачи од Собранието отвориле две влезни врати, со отстранување на металните заштитни греди и граѓаните се втурнале внатре. Обезбедувањето на Собранието ги насочувало гневните граѓани кон салата и прес центарот.
Тогаш почнало фрлањето со предмети, стативи од камери и сè што им дошло при рака на насилниците. Сето ова се пренесуваше во живо на телевизиите. Граѓаните го гледаа крвавото лице на тогашниот опозиционер Заев, слушаа информации за тепањето на Зијадин Села и слушаа дека новинарите не можат да излезат од Собранието. Едно лице извадило и пиштол кон Заев, кого го заштитило обезбедувањето.
Голем број пратеници и новинари беа повредени во овој упад, но од смрт се спаси Села. За неговиот напад веќе паднаа и првите пресуди, но се очекува Обвинителството да поднесе и друго обвинение против лицата кои крвнички го претепаа Села.
На упадот во Собранието му претходеа секојдневни протести против тиранската платформа, кои ги организираше иницијативата „За заедничка Македонија“, а сето ова кулминираше во четврток, на 27 април 2017 година, ден кој во колективната меморија ќе остане запаметен како крвав четврток.
Фросина Факова – Серафиновиќ