Почнува графичката работилница во Богданци: Уметници од регионот ќе творат десет дена

Меѓународната графичка работилница „Софија“ годинава по 11. пат ќе се одржи во Богданци, од денеска до 1 септември. Во овие десетина дена учество ќе земат млади и талентирани графичари од повеќе земји од регионот.

Изминатите години овој настан прерасна во еден од најпрепознатливите уметнички собири на Балканот, а е инициран од група ентузијасти и вљубеници во уметноста уште во 2008 година.

„Нашата идеја во 2008 година беше да ја популаризираме графиката како начин на уметничко изразување и да им овозможиме на младите и талентирани автори да разменуваат искуства и да изработуваат графички дела во различни техники. Единаесет години подоцна со задоволство можеме да констатираме дека помогнавме за популаризирање на графиката во Македонија, но и во регионот. Нашата следна цел е работилницата да живее во текот на целата година преку различни активности кои ќе придонесат за промоција на уметноста во нашата земја“, велат од Здружението на граѓани Графичка работилница „Софија“ Богданци, кое е организатор на работилницата.

На годинешната главна сесија ќе учествуваат 17 уметници (графичари) од Македонија и од странство, селектирани од државните ликовни академии во Скопје, Белград, Нови Сад, Ниш, Загреб, Сараево и Софија. Ментор на работилницата ќе биде Слободан Радојковиќ, истакнат графичар и професор на Факултетот за уметности во Ниш.

За разлика од претходните години, овој пат ќе се одржат две завршни изложби. Првата на 30 август во Домот на културата во Богданци, а наредниот ден делата изработени за време на работилницата ќе бидат изложени во галерискиот простор на Печатница „Софија“ во Богданци. Во нарединиот период се планирани повеќе изложби во градови низ Македонија и регионот.

Графичката работилница „Софија“ првпат се одржа во 2008 година. До сега низ неа продефилираа над 170 графичари од целиот регион.

Улогата на ментори ја имаа истакнати графичари и универзитетски професори од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.