Почна самитот меѓу Трамп и Ким, со ракување и насмевки

Вториот самит на лидерите на Северна Кореја и САД, Ким Џонг-ун и Доналд Трамп почна денеска во Ханој со ракување и насмевки.

Двајцата лидери се ракуваа пред знамињата на своите земји во хотелот „Метропол“ во престолнината на Виетнам.

-Се радуваме на состанокот, двете страни, изјави Трамп.

На прашањето дали тој можеби формално ќе стави крај на Корејската војна, Трамп рече: „Ќе видиме што ќе се случи, но сакаме да направиме нешто големо“.

Се очекува, состанокот „еден на еден“ да трае 20 минути, а потоа ќе следи вечера на која ќе бидат присутни и други членови на двете делегации.

Ова е втор самит на Трамп и Ким. Првиот се одржа во Сингапур во јуни минатата година.

Белата куќа претходно соопшти дека на вечерата ќе присуствуваат и државниот секретар на САД Мајк Помпео и шефот на кабинетот на Трамп, Мик Малвени, како и двајца помошници на Ким, но и преведувачи.

Трамп и Ким ќе остварат средба и утре.

Виетнамските власти ветија исклучително високи безбедносни мерки, додека Вашингтон и Пјонгјанг уште пред неколку дена испратија припадници на своите безбедносни сили.

Севернокорејскиот лидер е сместен во хотелот „Мелиа Ханој“, а Трамп во „ЈВ Мериот“.