Почна да вози „5“ на гас, „15“ на струја стаса на граница

Со еден ден задоцнување од најавеното, во сообраќај на линијата „5“ се пушти мерцедесовиот автобус на гас. Од пред еден час тој почна да вози на линијата „5“. На релација Ново Лисиче-Ѓорче Петров ќе сообраќа во наредните два месеца. Во меѓувреме, на граница стасал и автобусот на струја од Бугарија, кој исто така времено ќе биде дел од јавниот сообраќај во наредните шест месеци.

Кристијан Чушков, директорот на ЈСП, вели дека „5“ задоцни еден ден поради брендирањето на автобусот, а тој на струја ќе се пушти за неколку дена, откако ќе се дозаврши монтажата на потребните полначи за струја.

„Не би сакал да прогнозирам кога и електричниот автобус ќе почне да вози, но, во прашање се денови. Очекуваме денеска да заврши процедурата за влез во државава и од утре да почне неговото ребрендирање, поставување на валидаторите и другите неопходни технички работи за да и тој го пуштиме во редовен сообраќај“, вели Чушков за „Независен весник“.

И двата автобуса практично му се доделени на Град Скопје на бесплатно, времено користење за да надлежните ги анализираат придобивките од користење на ваков тип автобуси, по што ќе треба да одлучат со какви еко возила ќе го модернизираат возниот парк на ЈСП.

Автобус на гас е енергетски ефикасен автобус, наменет исклучиво за јавен превоз, со намалена потрошувачка на гас. Споредено со потрошувачката на старите дизел-автобуси, овој автобус троши речиси 50 отсто помалку гориво, што дополнително би ги намалувало трошоците на ЈСП. Најголемата предност на овој автобус е тоа што емитува значително помалку ЦО2 и речиси воопшто не го загадува воздухот. Има капацитет за 92 патници, 26 места за седење и чини 220.000 евра. Ваков тип автобуси веќе се дел од јавниот превоз во Лондон, Берлин, Париз, Виена, Мадрид, Букурешт…

Автобусот на струја пак, е производство на израелска компанија која во соработка со кинеската компанија „Хајгер“ произведува 76 автобуси на ден. Таков тип автобуси веќе се дел од јавниот превоз во Белград, Грац, Тел Авив, а наскоро ќе се возат и во Мадрид и во Салцбург. Главната придобивка кај овој тип автобуси е тоа што нема никакви емисии на издувни гасови, што е одлична солуција за град со ниво на аерозагадување какво што има Скопје. За еден ден возење низ Скопје, електричниот автобус ќе прави трошок за електрична енергија од 21 евро, што е многу помалку отколку трошоците за дизел-гориво на двокатните автобуси, кои се околу 120 евра на ден. Во случај Град Скопје да се одлучи за ваков тип автобуси, ќе треба да обезбеди десетици локации со полначи за автобусите.

Градоначалникот Шилегов неодамна најави дека до крајот на годинава Град Скопје ќе набави 20-30 нови автобуси. Од каков тип, тоа ќе биде утврдено откако ќе се направат анализи од сите автобуси што ќе се тестираат во наредниов период. (Д.Т.Д.)