Почна гласањето во Атина

Во Канцеларијата за врски на Република Македонија во Атина, во 7 часот утрово, по локално време, беше отворено гласачкото место број 5014.

Вкупно 15 македонски државјани со регулиран престој во Грција денес ќе го остварат правото на глас на референдумот, јави дописничката на МИА од Атина.

Во Солун, пак, ќе нема гласање поради неостварената квота од 10 пријавени лица за отворање гласачко место.

Гласовите ќе се пребројуваат денеска, веднаш по затворањето на гласачкото место.

Ова е вторпат да се спроведе гласање во Канцеларијата за врски, првиот пат македонските државјани кои живеат во Атина гласаа на парламентарните избори во 2011, кога беа пријавени 18 лица.

Дописничката на МИА од Атина го следи гласањето во Македонската амбасада и ќе известува за излезноста во текот на денот.