Почина „херојот на Егејот“ кој спаси 5.000 мигранти
Капетанот на грчката крајбрежна стража, Киријакос Пападопулос, кој стана познат по пожртвуваноста во спасување животи на илјадници мигранти за време на бегалската криза 2015-16 година, денеска почина од срцев удар.
Грчкиот портал „Грик репортер“, во написот под наслов „Почина херојот на Егејот, кој спаси илјадници луѓе, пишува дека 44-годишниот Пападопулос се придружил на грчката крајбрежна стража во 1999 година, кога имал 25 години. Откако две години поминал на море, тој одлучил да се пензионира и да води мирен живот на островот Лезбос.
– Не можел ниту да сонува дека неколку години подоцна тој ќе стане „ангел чувар за илјадници деца, жени и мажи, кои се обидуваат да избегаат од пеколот на сириската војна и да најдат спас на европските брегови, пишува порталот.
Во текстот се напоменува дека неговите предци дошле како бегалци од Азија и дека бил оженет и татко на две деца.
Порталот потсетува дека во 2016 година, Пападопулос се сретнал со поранешниот австриски канцелар Вернер Фајман и со грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Тогаш беше прашан колку луѓе спасил, на што тој одговорил „повеќе од 5.000″.
Фајман го сфатил дека кажал „пет луѓе“ и му рекол дека „пет животи се нешто многу важно”. Кога му било кажано дека Пападопулос кажал 5.000, а не пет, Фајман бил сосема изненаден и рекол: „Ти си вистински херој”.
Заради храброста што ја покажал во спасувањето мигранти, неколку пати беше одликуван, а документарниот филм „4.1 милја”, во кој тој беше главниот јунак, минатата година беше номиниран за Оскар за најдобар краток документарец.