Почина Кристин Килер, моделот од секс-скандалот „Профумо“ во 60-тите години


Англија – Кристин Килер, централниот лик во скандалот со секс и шпионажа, наречен „Профумо“, кој ја потресе Британија за време на Студената војна, почина на 75-годишна возраст. Нејзиниот син, Симор Плат, објави на Фејсбук дека Килер починала во болница во близина на Фарнбороу во јужна Англија откако долго страдала од хронична обструктивна пулминарна болест.
„Како што многумина од вас знаеја, мајка ми, Кристин Килер, се бореше во многу битки во својот живот полн со настани, некои битки ги изгуби, но во неколку и победи. Таа го заслужи своето место во британската историја, но со голема лична цена. Ние сите сме многу горди на неа“, напиша Плат на Фејсбук.
Килер беше модел и танчарка во ноќен клуб во 1963 година, кога имала афера со британскиот воен секретар Џон „Профумо“. Кога се дозна дека Килер исто така спиела и со аташе на советската морнарица, судирот меѓу секс, богатство и национална безбедност предизвика сензација и помогна во рушењето на конзервативната власт.
„Профумо“потоа даде оставка од срам, откако излажа во Парламентот за врската со Килер. Во тоа време тој се закануваше дека ќе ги тужи сите оние што изјавиле дека тој имал каков било недоличен однос со неа. Неверојатниот секс-скандал ги разоткри претходно добро скриените оргии со секс и алкохол во редовите на политичката елита.
Овој скандал ја прослави Килер. Фотографијата од Килер на која таа е гола и се прикрива со задниот дел од столот стана една од најпопуларните фотографии во Обединетото Кралство во 60-тите години. Таа го помина остатокот од својот живот обидувајќи се да се заштити од несакан публицитет. Таа се омажи двапати и има два сина, додека поп-културата продолжи да се интересира за скандалот „Профумо“.

Во 2013 година во Лондон беше промовиран мјузиклот на Ендру Лојд Вебер, наречен „Стивен Вард“, во кој Шарлот Спенсер ја глумеше Килер.