Почина доајенот на македонското глумиште Ванчо Петрушевски

Почина доајенот на македонското глумиште Ванчо Петрушевски. Тажната вест за неговоата смрт  ја потврди актерот, Сашо Тасевски, кој е директор на Драмскиот театар.  Според МВР, актерот Ванчо Петрушевски најверојатно починал од струен удар во неговата викендица во скопското село Орешани. Од МВР велат во 15 часот од Брза помош добиле повик дека Петрушевски е починат во викендичката. Во моментов екипите на МВР се на терен.
„Тукушто разбрав дека доајенот на Драмски театар и македонското глумиште, Ванчо Петрушевски, трагично го загуби животот. Почивај во мир Рамче. За комеморацијата и погребот дополнително ќе известиме“, напиша на својот Фејсбук профил Тасевски.
Актерот Петрушевски имаше 67 години,  а како што пишува Тасевски животот го изгубил во трагедија.
Петрушевски се школувал во Скопје,  по завршувањето на Високата музичка школа, отсек за актерски кадри во 1975  година се вработил во Драмскиот театар во Скопје, а  неговиот талент го истакнал веќе во првата претстава „Ослободување на Скопје“ од Д. Јовановиќ.
Учествувал во голем број радио-драмски проекти, телевизиски драми, серии и слично. Познат е по своите улоги во Македонски народни приказни. Во 2016 година освои Државна награда 11 Октомври за остварување во областа на уметноста и културата.