Почина двегодишно детенце од сепса

Двегодишно дете почина на Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби. Детенцето како што рече директорката на инфективна д-р Милена Стевановиќ  имало менингококна бактерија, којашто  предизвикала тешка форма на сепса. На клиниката било донесено вчера, а болеста се јавила ден пред да биде донесено со Брза помош од Прилеп.  Лекарите велат дека станува збор за ретко заразно заболување кое се карактеризира со многу тешка клиничка слика.
„ Болеста почнува нагло, а симптомите се често неспецифични посебно кај деца до четиригодишна возраст, како што е и ова дете. Во наредните часови од почетокот на болеста таа прогресира во најтешка форма која, за жал завршува со смрт“, изјави  Стевановиќ.
„Се земаат и лабораториски материјали  да се види, дали постојат одредени носители и да се намали ризикот од евентуални нови случаи, иако тоа е исклучително ретко.  Оваа болест најчесто се јавува кај поединечни случаи“, рече епидемиологот д-р Владимир Микиќ.
Епидемиологот додаде дека епидемиолозите излегле на терен да утврдат дали  бактеријата е пренесена кај други членови на семејството. Дополнителните испитувања треба да покажат како заболело детето, а до понеделник треба да бидат готови  лабораториските анализи од земените материјали од луѓето кои имале близок контакт со детето, а дополнителните испитувања треба да покажат и како заболело детенцето.
Менингококна бактерија во форма на сепса немало во Македонија последните две децении велат од Институтот за јавно здравје. Заболувањето почнува со висока температура, вознемиреност, гадење,треска,  повраќање.
Инаку детето со своето семејство во Житоше, прилепско било само месец ипол, живеело во странство, а најверојатно според епидемиолозите болеста ја добило во земјава.