Потврден притворот за осомничените за убиството на Оливер Ивановиќ

Основниот суд во Приштина го прифати барањето на Специјалното обвинителство на Косово за одредување притвор во траење од еден месец за тројцата осомничени за убиството на Оливер Ивановиќ, што се случи пред речиси една година во северна Митровица.

Недељко Спасојевиќ и Драгиша Марковиќ, припадници на полицијата на Косово, заедно со Марко Рошиќ, беа уапсени во голема акција на косовските специјални единици РОСУ, на 23 ноември. Во акцијата, како што беше објавено, било пронајдено илегално оружје и „други материи кои претставуваат кривично дело и за кои се постапува според службена должност“.

На барање на Специјалното обвинителство на Косово, судот на тројцата им одреди едномесечен притвор, а по жалба на бранителите на осомничените, Апелацискиот суд го врати предметот на повторно разгледување. Судот во Приштина денеска ја потврди првичната одлука и одлучи осомничените да останат во притвор до 23 овој месец.

Оливер Ивановиќ, кој беше еден од лидерите на косовските Срби, е убиен во јануари годинава во северна Митровица, пред седиштето на неговата партија – Граѓанска иницијатива Србија, демократија, правда.

До полициската акција од 23 ноември, изведена на барање на Специјалното обвинителство, немаше речиси никакви информации за сторителите и мотивите за убиството.

Политичките лидери на Србите од северно Косово изразија сомневање во вистинските мотиви за акцијата, а беше организиран и протест со барање за ослободување на уапсените.