Последното интервју со Оливер Драгојевиќ во Скопје: Фамилијата ми е најважна

Славевме љубов, живот, добрина, простување и убави времиња на концертите на Оливер Драгојевиќ во Скопје и низ Македонија. Го почувствувавме мирисот на морето, солта во коса, на процветани олеандри. Бевме во детството и младоста, со пријателите од Вардар до Триглав. Сите во животот имаме по една Џени, Магдалена, Скалинада, сите жени што ги сакаме се како цесарици. На последниот концерт во ВИП-арената на Оливер и Џибони лани, во март, сите бевме фамилија. Како што е насловен нивниот заеднички албум „Фамилија“. Сите се почувствувавме живи, убави, млади, посакувани, заводливи и романтични. Жени без срам сами танцуваа, партнерите беа џентлмени, падна и по некое танго, сите уживаа, што би рекле хрватите – гуштаа. И пред 8 март, како за беља, имаше и букети ружи. Не ги добија убавите дами во публика. Тие им ги подаруваа на хрватските ѕвезди на сцена. Најзаслужено. Зашто бевме дел на музички преседан. Концерт од 4 часа, со две ѕвезди кои се различна генерација, ама кога свират се врсници. Како верни фанови, ја направивме вистинската работа, како хитот на Џибони. Бевме на нивниот концерт.

Викендов по една година борба со ракот, со тага ја примивме веста дека во Сплит почина Драгојевиќ. Ама важни се песните кои нè потсетуваат на убави и посреќни моменти. „Опрости ми, папе“, „Вјеруј у љубав“, „Ово ми је школа“, „Потсети ме што то беше љубав“, „Липо ми је“, „Мој галебе“…

Двете мегаѕвезди приватно се шармантни, љубезни и со голема доза на хумор, особено на своја сметка. Лани, пред скопскиот концерт, во организација на „Гуливер милс“ , во хотелот „Парк“, со кафе, а запалија и цигара, им ја раскажаа на новинарите својата фамилијарна приказна. Во Македонија беа одомаќени. Ги врзува(ше) публиката, но и овдешните пријатели.

„Се врзувам за луѓе, секаде каде што ќе отидам. Мислам дека еден град многу повеќе го сочинуваат луѓето отколку зградите. Кога некој ќе го спомне Скопје, прво ми паѓаат на памет Влатко и Гордана Стефановски. А, дури потоа мислам на улици и луѓе“, беше искрен Џибони.

Идејата за заедничкиот проект се наметнала спонтано, пред три години, кога семејно се дружеле во куќата на Корчула. Велат дека сите песни ги создале за своја душа. Новиот албум имаше девет композиции кои го карактеризираат препознатливиот авторски ракопис на Џибони. Во темата „Онако“ гитарите ги свири Стив Стивенс, главниот соработник на Били Ајдол и Мајкл Џексон. Како гостин се појавува и нашиот гитарист Влатко Стефановски кој беше гостинот изненадување на концертот во Скопје.

– Сè се случи спонтано и природно. Џибони ми предложи соработка, а јас се согласив. Досега имавме многу настапи и изведовме неколку песни. Логично беше приказната да продолжи. Насловот „Фамилија“ ми е многу убав, симболизира нешто што е многу важно. Овој проект е враќање кон вистинските вредности – истакна Драгојевиќ, женет 40 години со Весна, и татко на три сина Дино, Давор и Дамир.

– Кога ги пишував темите, не размислував во кој стил ќе бидат, во кој правец ќе се движат. Туку дали се тие добри или не. Дали кога ќе ги слушате ќе ви се појават морници по кожата или не – истакна Џибони.

Чија била идејата да снимат албум со Оливер Драгојевиќ, кој според многумина е преседан бидејќи не е познато двајца изведувачи од таков калибар да се спојат во заеднички проект?

– Тоа беше заедничка идеја што се наметна спонтано. Без посебен план, почнавме да работиме за своја душа. Пресреќни сме што им се допадна на луѓето – изјави лани Драгојевиќ кој славеше 50 години кариера.

Лејла Сабит