Последна или пропуштена шанса


Петар Арсовски

Прогнозите и предвидувањата дека референдумот за поддршка на евроатлантските интеграции и договорот со Грција ќе означи крај на политичката криза во Македонија се покажаа неточни. И покрај релативно масовната поддршка за овој процес искажана на референдумот, сепак, резултатите и ситуацијата која ќе се расплеткува после, најверојатно, само ќе ја продлабочат политичката криза која вегетира веќе подолго време и ќе ја засилат и онака огромната поделба во македонското општество. Сега, имајќи предвид дека резултатите секој ги толкува онака како што му одговара, притисокот ќе се пресели во Собранието, каде што консензусот, имајќи ги предвид рововските позиции на двата лидера, ако е воопшто можен, ќе мора да дојде однадвор. Доколку таков не се постигне во најскоро време (имајќи ги предвид роковите со кои се соочуваме во Грција), сакале не сакале, ќе мора да се оди на нови предвремени парламентарни избори. Значи, сè на сè, гамбит до гамбит, со целосно неизвесен крај.

Резултатите на референдумот на прв поглед се двојни – ем победи гласот ЗА, ем релативно успеа и бојкотот. Перверзната теза на ВМРО-ДПМНЕ и оние кои слепо го гледаат референдумот само како правно-статистичка операција, е дека кога референдумот би го постигнал цензусот, тој би бил вистинско согледување на волјата на народот, па со тоа и би го обврзал ВМРО-ДПМНЕ да гласа за договорот во собранието. Значи, по таа логика, ако на референдумот (покрај 600. илјади гласа „за“) наместо 40. илјади гласа „против“, имаше 400.000 гласа „против“, тоа за ВМРО-ДПМНЕ ќе значеше поголема обврска да гласаат „за“ во Собранието? Да се разбереме што е тезата: ако 10 пати повеќе луѓе на референдумот гласаа против договорот, тоа за нив ќе значеше порака дека тој треба да се усвои??!!

Затоа, референдумот треба најнапред да се гледа како политичка операција. Тој е начин да се провери волјата на гласачите и политичките партии, чија е конечната обврска дали ќе го ратификуваат овој проект во Собранието. Оттаму, сега, без оглед на резултатите формално, суштината е дека партиите мораат да направат проценка дали мнозинството е за овој договор или против него. Сигурен сум дека кога Христијан Мицкоски пресметува дали да оди на предвремени избори, математиките кои ги прави не се оние со замислените 1,2 милиони луѓе за кои јавно мантра дека се против, туку со оние реални 500.000 кои недостигаат во равенката, за кои тајно пресметува како би се поделиле.

Сега, двата лидера со своите математики побрзаа да ги исцртаат позициите. Заев вели – или пратеници или нови избори, со надеж дека големата поддршка би ја претворил во 2/3 гласови во Собранието. Мицкоски јавно им порача на своите пратеници да не гласаат за договорот и најави дека нема шанси за негова поддршка. Но мислам дека ниту изборите се завршена работа за Заев, ниту хомогеноста на пратениците на Мицкоски е таква каква што тој ја претставува. Заев, иако може да смета на ист или малку подобар резултат на изборите (поради поголем адреналин во партиските штабови), сепак има многу тенка математика до 80 пратеници. Дополнително, тој процес би одзел време кое во моментов ние едноставно го немаме. Трето, меѓународната заедница експлицитно порачува дека за нив план А е да се обезбеди поддршка за договорот во сегашниот состав на Собранието. Четврто, лошиот перформанс на ДУИ на изборите поради кој се противат на предвремени избори само ќе ја искомплицира ситуацијата. Од друга страна, Мицкоски малку премногу јавно ги повикува пратениците ако е толку сигурен во нивната лојалност. Мислам дека фокусот сега ќе биде токму кон нив и нивната историска одговорност дали баш слепата лојалност кон Мицкоски би ја тргувале за иднината на државата, со целиот притисок од меѓународната заедница.

Има неколку непобитни политички последици од кои пратениците, но и воопшто опонентите на договорот не можат да избегаат, а кои ќе им го загорчат и претстојниот период и нивните позиции на среден рок. Првата е дека, сепак, резултатите на референдумот покажуваат дека мнозинството граѓани го поддржуваат овој проект за брзи интеграции преку договорот со Грција. Противењето на таа волја, колку што трае подолго, толку повеќе ќе ги чини, во политичка смисла. Второ, тезата дека ЕУ и НАТО можат да се одвојат од договорот со Грција целосно пропадна, па со тоа на најголемиот дел од граѓаните им стана јасно дека оној кој го блокира договорот, всушност истовремено ги блокира и ЕУ и НАТО. Така, доаѓаме до третата последица – Мицкоски и неговите пратеници можеби можат да го спречат членството во НАТО и почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ преку саботажа на договорот со Грција, но потоа тие, и само тие, ќе биде единствените виновници за сите негативни последици во децениите на жабарник кои ќе ја следат оваа пропуштена шанса. Оттаму и пораката на германската ЦДУ кон ВМРО-ДПМНЕ – гласајте во Собранието или вие ќе бидете виновни.

На крајот, постои можност и собранискиот гамбит и изборниот гамбит да пропаднат. Можеби сите треба да се соочиме со можноста дека Македонија, нејзините политички елити и електорат, едноставно не се подготвени за ЕУ и НАТО. Дека, и покрај сите напори, тој проект едноставно нема да успее и дека оваа шанса ќе ја пропуштиме. Следна, доколку има (НАТО и ЕУ велат – тешко) ќе дојде за една или повеќе децении. Но, можеби граѓаните се подготвени да чекаат, може се задоволни од сегашната состојба и не сакаат промени. Сепак, ако опонентите на договорот, без оглед дали себеси ќе се наречат апстиненти, бојкотирачи, инсистираат да се прекинат евроатлантските интеграции, тогаш треба да бидат подготвени за следните чекори да не нè прашуваат нас, туку уредно да се обратат кај Јанко Бачев. Зашто ние други идеи веќе немаме.