Поранешни спикери со совет до Џафери: Не е време за инаети

Неколкудневната тишина околу Законот за јазиците ја прекрши претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој во дебатна емисија за ТВ21 рече дека веднаш штом Законот ќе стапи во сила, тој пленарните седници во законодавниот дом ќе ги одржува на албански јазик.

„Ние го изгласавме Законот за јазиците и откако ќе биде објавен указот во ‘Службен весник’ и ќе стапи во сила, тогаш ќе можам да ги употребам сите форми и начини да го спроведам тоа што е напишано во него. Не е прашање на инает дали може или не Талат Џафери да ги води пленарните седници на албански јазик. Важен е фактот дека тоа што беше изгласано од парламентарното мнозинство треба да се стави во функција на начин на кој предвидува законот и така ќе се исполнат желбите на сите тие што го гласаа и очекуваат негово имплементирање“, рече Џафери.

На оваа изјава на актуелниот собраниски спикер реагираа поранешните први парламентарци Тито Петковски и Стојан Андов. За „Независен весник“ Тито Петковски рече дека ако законот конечно стапи во сила, тој секако треба да се применува, но на начин на кој пишува, а не секој да го толкува различно и така да го применува во реалноста.

„Ако се донесе законот, како што вели претседателот на Собранието, тој треба да се применува. Така како што пишува законот, така и треба да се постапува. Тогаш ќе нема потреба да се измислуваат никакви поинакви решенија, постапки и процедури. Ако во законот стои дека јазикот е рамноправен, односно во случајот албанскиот јазик, тоа значи дека е целосно во употреба и во Собранието, и во Владата, во судовите и во сите институции. Во принцип, велам дека законот се изгласа на начин како што се изгласа, а парламентарното мнозинство заради добра волја го повлече додека не се потпише указот. Поради тоа, стигнавме до целата оваа конфузија. Значи, законот треба да се применува таков каков што е, а не јас, вие или Талат Џафери да го толкуваме“, рече Петковски, кој уште еднаш посочи дека со одбивањето да го потпише указот за законот, кој вторпат беше изгласан во Собранието, претседателот на државата Ѓорге Иванов прави кривично дело за кое треба да одговара.

Стојан Андов, пак, смета дека не е момент на водење инает и спикерот на Собранието во овие моменти не треба да провоцира, туку да соработува.
„Талат Џафери треба да се воздржи, а не да влегува во расправии и во кавги, и не треба да провоцира. Тој сега како основно треба да гледа дека целиот опозициски блок него не го признава за претседател на Собранието. Тоа е пречка, затоа тој не можеше да обезбеди компетенти политички усогласувања за законот и за други работи. Она што е многу важно сега, е на Џафери да му се овозможи да биде прифатен од сите, а не да биде самопризнаен претседател на Собранието. Не треба да се оди со инаети“, процени Андов.
Кога е во прашање внатрешната политичка клима, додаде Андов, сега е најпотребно да се нормализира работата на Собранието бидејќи не може и натаму да продолжат споровите на релација меѓу Владата, претседателот на државата и цела опозиција и оваа ситуација мора да се реши.

Во овој контекст, парламентарната група на ВМРО-ДПМНЕ, токму поради начинот на кој беше изгласан Законот за употреба на јазиците, најави дека до Собранието ќе поднесе интерпелација за работата на Талат Џафери бидејќи тие како опозиција никогаш не го признале како спикер на Собранието. Сепак, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, не спомна ден или датум кога ќе го сторат тоа.

„Моментално се вршат внатрепартиски консултации и по донесената одлука јавноста ќе биде запознаена со тоа“, кратко изјави Данев.

Блерим Исмаили