Поп-ѕвездата Тина Тарнер прозборе: Му простив на Ајк

САД – Поп-ѕвездата Тина Тарнер се отвори и раскажа зошто се одлучила да му прости на поранешниот сопруг Ајк Тарнер по повеќе години тортура и злоупотреба во периодот кога нивниот успех како музичко дуо беше на врвот.

Седумдесет и осумгодишната легендарна пејачка раскажа за „Тајмсши“ дека таа имала само 16 години кога го запознала Ајк, кој многу брзо ја вклучил во групата и уште побрзо ја завел младата пејачка која се чувствувала како да нема друг избор освен да биде во врска со него.

„Се чувствував ужасно. Не знаев како да кажам ‘не’ бидејќи ми требаше работата“, рече таа за раните денови од нивната врска. „Мислам дека не бев доволно едуцирана за да се справам со тоа“.

Тие потоа се венчаа, но нивниот брак беше обвиен со насилство.

„Имаше многу насилство бидејќи тој стравуваше дека ќе го напуштам“, вели Тарнер, без оглед на тоа што тој беше оној кој имаше вонбрачни врски. „Тие останати жени, бидејќи не го сакав на тој начин… Сите тие останати жени не беа толку голем проблем колку што беше постојаниот лош третман“.

Дури во 1976 година, по 14 години брак, Тина Тарнер собрала храброст за конечно да го напушти.


На ѕвездата ѝ требаа неколку децении за да му прости на поранешениот сопруг, кој починал во 2007 година.

„Кога остарев, му простив, но тоа немаше да биде доволно за него“, рече таа. „Тој бараше уште една турнеја со мене, а јас на тоа одговорив: ‘Не, апсолутно не’. Ајк не беше човек на кој можеш да му простиш и да му дозволиш да ти се врати во животот“.

„Сето тоа е минато, сѐ е простено. Не знам за што се соништата. Соништата сѐ уште постојат – не насилството, гневот“, продолжи таа. „Се прашувам дали сѐ уште држам нешто внатре во себе“.
Ајк призна дека бил насилен кон Тина во интервју во 1990 година.

„Сите кавги што ги имавме со Тина беа бидејќи таа беше постојано тажна поради нешто“, рече тој. „Станувам многу емотивен кога некој е загрижен и не ми ја кажува причината. И тогаш не можам ништо да направам освен да ѝ удрам шлаканица“.

Тина Тарнер сега живее во Швајцарија со сопругот Ервин Бах, со кој се омажи во 2013 година по 27 години поминати заедно.

Годините поминати во физичко насилство во 1993 година беа прикажани во биографски филм наречен „Каква врска има љубовта со тоа“, во кој Анџела Басет ја игра пејачката. За оваа улога, Басет заработи номинација за „Оскар“.
Животот на Тарнер, исто така, е пренесен и во театарски мјузикл наречен „Мјузиклот Тина“, кој ќе ја има својата премиера во Лондон следната среда.