Поп-ѕвездата стана манекенка: Каролина во трендовски капути

По фармерки, сакоа, врвен италијански накит, поп-ѕвездата Каролина Гочева-Корубин (38) облече трендовски капути на италијански луксузен бренд  кои се одликуваат со елеганција, безвремност, класика и удобност.

Две различни комбинации кои се носат за вечерни и дневни излегувања. Анимал принтот е хит-тренд оваа сезона во комбинација и за оваа фотосесија е искомбиниран со каубојки и кожни панталони.

Втората комбинација е малку полежерна но еднакво елегантна-со карирани панталони и впечатливи патики.

Ја гледаме на сцена, ни се смее од билборди или градски автобуси, на козметички и модни каталози. Уште не сме ја виделе на писта. Сите го копираат нејзиниот стил од улица, патување, настап… Македонскиот пазар на македонски или на интернационалните брендови не се заситува од лицето или ставата на поп-ѕвездата Каролина Гочева-Корубин. А и таа е расположена за снимање или разговор. Зошто Каролина е најангажирана меѓу ѕвездите во Македонија?

Пее како ѕвезда, изгледа како ѕвезда, се облекува како ѕвезда. Не ја врзуваат скандали, приватниот живот го држи подалеку од очите на јавноста. Го дозира присуството на социјалните мрежи. Сѐ уште стои цврсто на земјата и по свадбата со уметникот Михаил Корубин. Родена битолчанка, над една деценија скопјанка, една од ретките ѕвезди со спој на убавина, стил и префинетост. На сцената со дамски стајлинг, налик на ѕвездите од Холивуд, во елегантни креации, со избрани модни детали. Нејзината долга коса, сега поскратена, и шминката на настапите, во спотовите и на концертите и се средени до совршенство. Носи дизајнерска облека, најчесто купена во Италија и шик чевли. Остана доследна на изборот на накит – никогаш нема да ја видите во злато.

Каролина денес е препознатлива по својот стил кој значи: тренд, префинетост и мерка, стил кој никогаш не ја прави да изгледа постара и посериозна. Благодарение и на екипата што се грижи за нејзиниот стајлинг.

Л.Сабит   Фото: Јована Зука