Поп-естрадата сними спот за божикната песна „Вечниот бог“

Македонските музички ѕвезди Елена Ристеска, Тамара Тодевска, Викторија Лоба, Даниел Кајмакоски, Димитар Андоновски, Влатко Лозаноски, Мартин и Стефан од „Некст тајм“, деновиве, во продукција на „Веста“, на неколку локации во Скопје го снимаа видео спотот за божикната песна „Вечниот Бог“.

Оваа песна во претпразничниот период интензивно ја учат многу деца низ цела Македонија кои се подготвуваат за учество на „Бадниковите поворки“ кои 6 јануари 2018 ќе се случуваат низ улиците на сите градови како возобновена православна традиција на свечено, величествено и достоинствено најавување на Христовото Раѓање.

Сите осум ѕвезди од македонската естрада кои учествуваат во реализацијата на проектот „Бадникови поворки“, и овој пат изјавија дека се пресреќни што се заедно, што се дружат и се сплотени во промовирањето на вистинските вредности пред своите фанови и македонскиот народ воопшто, чии амбасадори се токму тие.

Видео спотот за песната „Вечниот Бог“ треба да биде промовиран следната недела.